Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија

По обилните врнежи од дожд кои вечерва предизвикаа поплавувања на повеќе улици низ Битола, екипите на ЈП „Нискоградба“ заедно со другите јавни претпријатија започнаа итни интервенции за санирање на состојбата. Најкритична е ситуацијата кај стариот „Прогрес“, во близина на каналот од реката „Курделес“, кој се излеа и го отежна сообраќајот на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) во правец кон Железничката станица. Интервенции се спроведуваат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“, каде е забележано задржување на вода и отежнато движење. Екипите остануваат на терен и продолжуваат со работа, имајќи ги предвид најавите за продолжување на врнежите. Во акцијата се мобилизирани служби од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, со најави за интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж коритото на реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината. Надлежните апелираат на зголемена внимателност и почитување на привремените сообраќајни ограничувања сè додека траат интервенциите.