За една недела 1.725 заболени од грип, пикот се очекува на крајот на јануари и почетокот на февруари Филип Здравески 08.01.2026 / 14:41 Македонија Во периодот од 29 декември 2025 година до 4 јануари 2026 година пријавени се 1.725 случаи на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со неделата претходно, кога бројката на пријавени случаи изнесувала 771 заболен, информира директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска. Споредено со истата недела од мината сезона, бројот на заболени од грип е зголемен за 5,2 пати. Според возраста, најголем дел од заболените лица, или 749, се од возрасната група помеѓу 15 и 64 години, потоа 618 се деца на возраст од 5 до 14 години, 229 од заболените се деца на возраст од нула до 4 години и 129 лица се на возраст над 65 години. „Согласно овие податоци, во Македонија имаме висок интензитет на вирусот на грип со очекување за натамошно зголемување во наредниот период“, рече Андоновска и додаде дека сепак, ваквата ситуација не е нешто ново, имајќи предвид дека се наоѓаме среде период на празници со многу прослави и собири на луѓе, што го зголемува ризикот од трансмисија на вирусот. Андоновска кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари. „Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска. Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали. грип Автор/Извор Макфакс Прикажи во метро Off