Арагчи: Иран е подготвен да разговара со САД, но не „под диктат“ на Вашингтон

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи денеска во Бејрут изјави дека целта на неговата посета на Либан е да разговара за „предизвиците и заканите“ на Израел за регионалната безбедност, како и за проширување на билатералните врски. Тој стравува дека Израел повторно ќе го нападне Иран, како што направи за време на 12-дневната војна во јуни. Израел уби десетици врвни воени и нуклеарни научници, а САД ги бомбардираа иранските постројки за збогатување ураниум. Според Арагчи, Иран е отворен за преговори со САД ако тие се засновани на „заемна почит и зачувување на интересите“, но оти Техеран е подготвен и за војна, ако тоа го планира Вашингтон. Арагчи посочи дека Иран е подготвен да преговара со САД за нуклеарната програма сè додека разговорите не се „засновани на диктат“ од Вашингтон. - Америка и Израел го тестираа својот напад врз Иран и овој напад и стратегија наидоа на огромен неуспех. Ако го повторат, ќе се соочат со истите резултати. Подготвени сме за секаков избор. Не сакаме војна, но сме подготвени за неа, потенцира Арагчи. Претседателот на САД, Доналд Трамп изминатиот период повеќе пати се закани дека Иран ќе биде нападнат ако ја обнови нуклеарната програма. Откако избувнаа протестите во Иран, Трамп предупреди дека ако властите продолжат да убиваат демонстранти, можно е земјата повторно да биде нападната.