Распуштен Јеменскиот преоден совет

Јеменскиот Јужен преоден совет (СТЦ) во земјата разорена од граѓанска војна, објави свое распуштање, јави ДПА. Членовите на Советот и придружните организации се согласија да се распуштат, се наведува во денеска прочитаното соопштение на телевизија. Советот не успеа да ги постигне своите цели, се продолжува соопштението. Јужниот преоден совет е сепаратистичка политичка организација во Јемен. Основан во 2017 година со поддршка на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), советот се стремеше да воспостави независен Јужен Јемен, сличен на оној што постоеше помеѓу 1967 и 1990 година пред повторното обединување на двата дела од земјата. Во граѓанската војна во Јемен, која трае од 2014 година, Советот и јеменската Влада поддржана од Саудиска Арабија се официјално сојузници во борбата против бунтовниците Хути поддржани од Иран, кои контролираат големи делови од северот на земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана. Меѓутоа, во последно време тензиите се зголемија. Додека ОАЕ ги поддржуваат сепаратистите во Јемен и нивното барање за независен југ, Саудиска Арабија ја поддржува јеменската Влада и сака да го зачува единството на Јемен. Распуштањето на советот има за цел да го отвори патот за учество на конференција за иднината на јужен Јемен во саудискиот главен град, Ријад, објасни советот.