Македонец ќе игра фудбал во Јордан

Македонец ќе игра фудбал во Јордан зимски трансфери 2026 Филип Здравески 10.01.2026 / 12:09 Фудбал Крилниот напаѓач на Тиквеш, Иван Ивановски, направи трансфер во трикратниот шампион на Јордан, Ал-Рамта. Фото: ГФК Тиквеш Кавадарци Кавадаречкиот клуб остана без еден од своите најдобри играчи кој одлучи по вторпат во кариерата да се проба во странство. 30-годишниот Ивановски замина за Јордан каде ќе настапува за тимот на Ал-Рамта, кој се бори за шампионската титула. „Ивановски сам одлучи да си замине, замоли бидејќи доби понуда од странство и ние како клуб му излеговме во пресрет и му дозволивме да ја продолжи кариерата“, изјави тренерот на Тиквеш, Борче Христов, за КТВ. Ивановски во Тиквеш се врати летоска по година и пол мината во Гостивар. И претходно во два наврата беше дел од Тиквеш, а две години играше и за Силекс, како и за скопските Вардар и Металург, но и за Вардар од неговиот роден град Неготино. Во сезоната 2017/2018 прв пат се проба интернационално кога настапуваше за Звијезда од Градачац во лигата на Босна и Херцеговина. Сезонава во дресот на Тиквеш одигра 15 натпревари во првата лига и постигна 6 голови додавајќи 3 асистенции. Ал-Рамта моментално е на второто место во јорданската Про лига со бод заостанување за лидерот Ал-Фајсали. Две ремија во последните две кола го тргнаа новиот клуб на Ивановски од врвот. Досега има 3 титули шампион на Јордан, 2 во Купот и 3 во Суперкупот. Тренер на тимот е црногорскиот стратег Миљан Радовиќ, кој во сезоната 2023/2024 ја предводеше Воска Спорт од Охрид. Инаку, репрезентацијата на Јордан ќе игра на Мундијалот 2026 во Канада, САД и Мексико откако преку азиските квалификации се избори за историско деби на светскиот собир на ФИФА. Сите репрезентативци на Јордан доаѓаат од нивната Про лига. зимски трансфери 2026 ФК Тиквеш Јордан Автор/Извор Филип Здравески Прикажи во метро On