Сè што треба да знаете за протестите во Иран Филип Здравески 10.01.2026 / 13:38 Свет Ако штотуку дознавте за растечките протести во Иран, имаме брз преглед на тоа што стои зад оваа тековна ситуација. Протестите започнаа на 28 декември во Техеран и се проширија на повеќе од 280 локации во 21 провинција. Демонстрациите првично беа фокусирани на економијата, но наскоро се проширија и на политички прашања, со скандирање антивладини пароли. На 9 јануари властите воведоа национален прекин на интернетот, откажани се телефонските повици и летови, а иранските новински веб-страници се ажурираат само повремено. Причини за протестите – Падот на вредноста на иранската валута и рекордно нискиот курс на доларот. – Економска криза, влошена по повторното воведување санкции од САД во 2018 година. – Влијание од војната во јуни 2025 година, кога Израел и САД извршија напади врз нуклеарни објекти во Иран. – Зголемување на цените на основните продукти (масло, месо, ориз, сирење). Пример: табла со јајца од 280.000 томани порасна на 500.000 томани (≈ 10,4 евра). Пет литри масло за готвење од 470.000 томани порасна на 1.200.000–1.400.000 томани (≈ 27,6–32,2 евра). Насилство и реакции Најинтензивни судири има во западниот дел на Иран, но имало судири и во централните и јужните провинции. – Во провинцијата Илам демонстрантите биле пречекани со огнено оружје од безбедносните сили. Овој настан е познат како Крвава сабота. – Во регионалната болница безбедносните сили апселе повредени демонстранти и нивни роднини. И покрај прекинот на интернетот, кратки видеа покажуваат демонстранти како скандираат околу огништа во Техеран и други области. Како реагира власта? – Претседателот Масуд Пезешкијан ја повика владата да ги слушне легитимните барања на демонстрантите. – Врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи предупреди дека демонстрантите „ги уништуваат своите улици за да го направат среќен претседателот на друга земја“ (мислејќи на Доналд Трамп) и дека нема да толерира луѓе кои дејствуваат како „наемници за странци“. – Шефот на судството Голамхосеин Мохсени-Ејеи изјави дека казните за демонстрантите ќе бидат „одлучни, максимални и без никакво попуштање“. Распространетост на протестите До 8 јануари, протестите биле забележани во 46 градови во 21 провинција. Курдските опозициски групи ја изразија целосната поддршка за протестите и побуните против Исламската Република. На протестите масовно се забележува старото иранско знаме од пред исламската револуција, она со златен лав и сонце, симбол на поранешните шахови Каџар и Пахлави, а сега присвоено од иранската опозиција и дијаспора како симбол на отпор против исламската диктатура. Претходни протести Протести во Иран не се новост: имало немири во 70-тите, 90-тите и почетокот на 2000-тите. – Во 2022 година, земјата се соочи со протести поради зголемување на цените, вклучително и на лебот, по смртта на 22-годишната курдска жена Махса Амини во притвор на полицијата за морал. – За време на неколкумесечниот безбедносен притисок, над 500 лица загинаа, а над 22.000 беа уапсени. Иран Автор/Извор Макфакс/Кајгана Прикажи во метро On