Автобусот со кој членовите на машката ракометната репрезентација на Кипар се пренесувале од Талин во Пилва во Естонија, во пресрет на утрешниот натпревар, веројатно поради снегот, се превртел од патот, без посериозно повредени лица, единствено двајца членови на делегацијата потребно било да се пренесат во болница, јави дописничката на МИА од Атина. Од Кипарската ракометна федерација соопштија дека несреќата се случила во раните утрински часови, истакнаа дека нема причини за загриженост и апелираа на смиреност. - За среќа, нема сериозно повредени, меѓутоа за двајца членови на делегацијата беше неопходно да бидат пренесени во болница, каде што се хоспитализирани, а сите членови на делегацијата на репрезентацијата на Кипар се во добра состојба, соопштија од Федерацијата. https://youtu.be/Di9RJWhn32M Паралелно посочија дека ги преземаат сите неопходни активности, во и вон Кипар, за брзо и безбедно враќање на репрезентативците и делегацијата на националниот тим. Од амбасадата на Кипар во Финска што ја покрива и Естонија информираа дека се во контакт со федерацијата и изразија подготвеност за пружање на помош. Според видеата и фотографиите објавени во кипарските медиуми, патот на местото на несреќата е под снег. - Луѓе, ова е нашиот автобус, видете што се случи. Но, сите сме ок, вели мажот додека го снима видеото од местото на несреќата со превртениот автобус, како што објави порталот „24 спортс“. Реванш натпреварот со Естонија во рамките на Promotion Round за ЕХФ ЕУРО 2028 е закажан за утре во 19 часот, меѓутоа како што пишуваат кипарските медиуми, Федерацијата води консултации за дали ќе се одигра натпреварот.