Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм

Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм Филип Здравески 10.01.2026 / 15:01 Свет Метеоролозите предупредуваат дека Обединетото Кралство треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура Горети што ги зафати островите Ирска и Велика Британија. За поголемиот дел од Обединетото Кралство е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз. Бурата Горети во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа. Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата British Airways откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови. Поради лошите временски услови затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска. Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба METEO France утрово стави 6 департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од 5 до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта. Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност. Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата Горети. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри. Се очекува снежната покривка да достигне од 7 до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри. Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите. снежна бура Обединето Кралство Франција Автор/Извор Макфакс Прикажи во метро Off