Организациите за заштита на граѓанските слободи и правата на имигрантите повикаа на масовни протести низ САД овој викенд, по инцидентот во кој активистка во Минесота беше застрелана од агент на федералната служба за имиграција. Планирани се над 1.000 собири со барање да се запре масовното распоредување на припадници на Бирото за имиграција и царина (ICE), наложено од претседателот Доналд Трамп, особено во градовите предводени од Демократската партија. Тензиите во Минеаполис кулминираа по убиството на 37-годишната Рене Гуд, мајка на три деца, која беше застрелана додека била во својот автомобил. Инцидентот се случи кратко по испраќањето на 2.000 федерални агенти во градот како дел од операцијата што Министерството за внатрешна безбедност ја нарече „најголема во историјата“. Додека министерката Кристи Ноум тврди дека агентот пукал во самоодбрана бидејќи Гуд се обидела да го удри со возилото, градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фрај, посочи на видеоснимка која ја демантира верзијата на федералните власти. ФБР и локалните власти во Минесота отворија одделни истраги за случајот. Гувернерот на Минесота, Тим Волц, ја стави Националната гарда во состојба на готовност. Овој случај дополнително ги подгреа сеќавањата на убиството на Џорџ Флојд во 2020 година, кое се случи на само неколку улици од местото каде што беше убиена Гуд. Објавената снимка од камерата на полицаецот Џонатан Рос покажува дека Гуд била мирна неколку секунди пред да тргне со возилото, по што Рос пукал во неа. Според властите, тој бил хоспитализиран со повреди, но од видеата не е јасно дали воопшто бил удрен од автомобилот.