Ракометарите на Македонија ремизираа со домаќинот Швајцарија (29-29) во последниот натпревар од „Жолтиот куп“. Овој резултат за нас значеше освојување на второто место пријателскиот турнир во Винтертур поради послаба гол-разлика од домашната селекција. По огромна драма нашата селекција извлече реми во завршницата, иако имаше шанса и да го добие натпреварот. По првичната размена на голови (1-1), нашите ракометари врзаа серија на грешки во офанзивата. На спротивната страна Швајцарците знаеја како да казнат и стигнаа до 5-2. Не успевавме да се консолидиравме, врзавме уште неколку грешки и не искористивме предност со играч повеќе, па домаќинот зголеми и на 6-2. За наша среќа и Митревски како и неговиот колега Портнер успеа да фати два зицери, а конечно беше прекинат постот со голот на Мартин Велковски за 6-3 во 11. минута. Во два наврати во следните минути имавме напади за „минус два“. Во првиот Маркоски не доби добра топка на шест метри, а во вториот Портнер му одбрани зицер од крило на Атанасијевиќ. Успеавме да дојдеме на 8-6 преку Никола Костески, но веднаш следуваше одговор и два врзани гола на домашните. Нашите голмани врзаа две интервенции по продорот на Митев, Томовски фати пенал, а Митревски зицер. На тоа се надоврза Пешевски со гол од шест метри за 10-9. Одржуваа Швајцарците ритам со голови за „плус два“, а по наша техничка грешка во контра погодија за 13-10. Селекторот Лазаров свика тајм-аут, ама не помогна бидејќи Портнер пак фати зицер, овојпат на Костески. Домашната селекција со три гола во низа го зголеми водството на 17-11. Пред полувремето погоди Пешевски, а Швајцарците по тајм-аут изведоа цепелин по истекот на времето и на одмор се замина со 18-13. Во вториот дел влеговме нешто посигурно во нападот, реализираа Ристески и Атанасијевиќ, а бркавме разлика варираше меѓу три и четири гола. По голот на Кузмановски и одбраната на Митревски имавме продолжен напад за „минус два“. Портнер му фати пенал на нашиот капитен, а потоа повторно погрешивме и бевме казнети (22-18). Во следните минути Македонија се обидуваше да се врати, во ритам влезе Мартин Томовски кој врза неколку интервенции, а важен гол за 24-21 даде Мартин Серафимов со исклучување за домашните. Иако Швајцарците го одбија овој налет, врзаа серија грешки и во брза транзиција реализираа Атанасијевиќ и Кузмановски за 25-24. Успеа нашата селекција по одбраната на Томовски да дојде и до зицер на крило кој го реализира Иван Џонов за 26-26, а потоа напад за водство не реализира Серафимов. Швајцарците одново погрешија, па конечно тоа го наплативме со гол на Ненад Костески од шест метри за 26-27. Зендер погоди статива од седмерец, ама и ние погрешивме во напад за „плус два“ па ривалот израмни (27-27). Од тешка позиција на спротивната страна од крило Џонов не успеа да го матира Портнер. Алараов направи фаул за исклучување, а за коментар две минути „ладење“ заработи и Лаубе па силите беа израмнети. Домашните реализираа и во последните две минути се влезе со нивно водство од еден гол. Нападнавме без голман со два кружни напаѓачи, а по тајм-аутот на Лазаров лесно реализира Митев за 28-28. Швајцарија по нацртан напад погоди за ново водство, а исклучен беше и Маркоски. Продолживме без голман и одново човек на одлука беше Митев со гол за израмнување. Времето истече и Македонија успеа да се одбрани на крајот.