Нетанјаху: Кога режимот во Техеран ќе падне, Израел и Иран повторно ќе станат партнери

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел и Иран повторно ќе станат партнери, по падот на режимот во Техеран. „Им испраќаме сила на херојските и храбри граѓани на Иран, а кога режимот ќе падне, заедно ќе правиме добри работи во корист на двата народа“, рече Нетанјаху на почетокот на состанокот на кабинетот во недела, објавува „Тајмс оф Израел“. „И кога ќе дојде тој ден, Израел и Иран повторно ќе станат верни партнери во градењето иднина на просперитет и мир“, рече израелскиот премиер. Протестите во Иран започнаа на 28 декември минатата година, поради падот на иранската валута и тешката економска состојба, а оттогаш, според организациите за човекови права, најмалку 192 лица се убиени во обиди за насилно задушување на протестите. „Хјуман рајтс активистс“ (Human Rights Activists News Agency) со седиште во САД утрово објави дека повеќе од 570 протести се одржале во текот на ноќта и утрово во 31 иранска провинција. Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изјави дека САД ќе интервенираат доколку иранскиот режим почне да убива демонстранти, додека претседателот на иранскиот парламент се закани дека Иран ќе го нападне Израел и американските цели во регионот доколку САД ја нападнат земјата. Израел е во состојба на висока готовност за каква било можна интервенција на САД во Иран.