Ѕвездите на „Адолесценција“ блеснаа во ноќта на „Златните глобуси“

Ирската ѕвезда Џеси Бакли доби „Златен глобус“ за најдобра женска улога за нејзината улога на Агнес Хатавеј - Ана, сопругата на Вилијам Шекспир, во „Хамнет“. Истовремено, Стивен Грејм, Овен Купер и Ерин Доерти ја почнаа својата победничка низа на мини серијата „Адолесценција“ ( Adolescence ), бидејќи сите тие обезбедија награди. Грејм ја има најдобрата машка улога во мини серија, Купер - најдобрата споредна машка улога, а Доерти најдобрата споредна женска улога. Бакли ја доби наградата за филмот заснован на книгата на Меги О'Фарел за смртта на синот на Шекспир, којашто го инспирирала да го напише „Хамлет“. Тој беше прогласен и за најдобар филм-драма, додека „Една битка по друга“ ја освои наградата за најдобра комедија/мјузикл како филм. Серијата на Нетфликс - „Адолесценција“, којашто раскажува за тинејџер уапсен за убиство на соученик, исто така, ја освои Наградата за серија со ограничен број епизоди, антологиска серија или телевизиски филм. Креаторот Џек Торн рече: Некои мислат дека нашата серија е за тоа како треба да се плашиме од младите луѓе. Не е така. Станува збор за нечистотијата и остатоците што им ги оставивме на патот, нагласи тој, по што им се заблагодари на младите глумци. - Вие сте доказ дека светот може да биде подобар... Отстранувањето на омразата е одговорност на нашата генерација. Потребна е мисла од горе надолу. Можноста сега изгледа далечна, но надежта е прекрасна работа, додаде. Тејана Тејлор беше првата победничка на вечерта, освојувајќи ја наградата за Најдобра споредна женска улога во филм-драма за нејзината улога како револуционерка во „Една битка по друга“. Примајќи ја наградата, таа рече: - За моите кафеави сестри и мали кафеави девојчиња што гледаат вечерва, нашата мекост не е пречка. Нашата длабочина не е премногу. На нашата светлина не ѝ треба дозвола да свети. Ние припаѓаме во секоја соба во којашто влегуваме, нашите гласови се важни, а нашите соништа заслужуваат простор. Ви благодарам многу на сите. Режисерот на филмот, Пол Томас Андерсон, ја освои Наградата за најдобар режисер, како и Наградата за сценарио. Стелан Скарсгард ја освои наградата за најдобра споредна машка улога за „Сентиментална вредност“, додека Роуз Брн беше прогласена за најдобра глумица во мјузикл/комедија, за „Ако имав нозе, ќе те шутнев“. Ѕвездата од „Наркос“, Вагнер Моура ја освои наградата за најдобар актер во драма за „Тајниот агент“. Примајќи го одличјето, бразилската ѕвезда рече: „Тајниот агент“ е филм за сеќавањето, или недостатокот на сеќавање и генерациската траума. Мислам дека ако траумата може да се пренесе низ генерациите, тогаш можат и вредностите. Значи, ова е за оние кои се држат до своите вредности во тешки моменти. Ноа Вајл е прогласен за најдобар глумец во ТВ-драма за „Интензивна нега: Питсбург“ ( The Pitt ), којашто беше прогласена за најдобра драмска серија, додека Џин Смарт ја освои наградата за најдобра глумица во ТВ-мјузикл/комедија за „Трикови“ ( Hacks ). Сет Роген ја освои наградата за најдобар глумец во ТВ-мјузикл/комедија за „Студио“. Серијата за измисленото холивудско студио беше прогласена и за најдобра мјузикл или комедија како ТВ-серија. Рија Сихорн ја освои наградата за најдобра глумица во драма за нејзината улога во „Плурибус“ ( Pluribus ) на „Епл ТВ“. „Добро дружење со Ејми Полер“ ( Good Hang with Amy Poehler ) го освои првиот „Златен глобус“ за најдобар подкаст. Вампирската трилер-драма „Грешници ( Sinners ) ја освои наградата за најдобро кинематографски и бокс-офис достигнување. „К-поп ловци на демони“ ( KPop Demon Hunters ) беше прогласен за најдобар анимиран филм, додека препознатливата песна на филмот „Голден“ ( Golden ) ја освои наградата за најдобра оригинална песна. (МИА)