Животните приказни на Братислав Димитров: Графити

Колумна на Братислав ДИМИТРОВ Политичарите не се глупави. Само немаат среќа со размислувањето. Јас имам. Кога не ми текнува некоја народна поговорка, сам ја измислувам. Која е тајната на мојот успех? Учев на своите и на туѓите грешки. Сега грешам без грешка! Дали навистина сум популарен или само така се чешлам? Пази тука. Чичо Бато е искусен паталец и од ова место ти порачува: Не е сè во љубовта, има нешто и во ќебапчињата. Да беше Кинескиот ѕид во Македонија, Македонците ќе беа светски прваци во пишување графити. Ако тракторот потекнува од волот, а човекот од мајмунот, значи дека денешниве интернет-блогови се директни потомци на класичните графити. Првите графити се од антички Рим и Помпеја. Старите Римјани се познати по градење урнатини, а другиве по вулканот Везув и никогаш завршениот Акропол. Исто како нашиов „Кермез“, само што таму наплатуваат додека зјапаш во тој крш. Кај нас многумина се туристи во културата. А културњаци се уметници во туризмот кои веруваат дека ладната супа и топлото пиво се егзотична туристичка понуда. Во нашата бивша држава Југославија, во личната реквизита покрај штофаното марамче, чешле, огледалце и грицкалка за нокти, обавезно беше и едно ноже. Со него длабевме имиња и пораки на столиците во кино, кафанските астали, дрвјата и клупите во паркот. После се модернизиравме со примитивни методи. Тетовирањето беше рачно, со една игла и туш. Болеше повеќе од доцнење на пензија. Први го воведоа тие што служеа во Југословенската Народна Армија. На едната подлактица тенк со потпис ЈНА. На другата, жена-риба или автомобилче до кое тогаш тешко се доаѓаше. Поамбициозните на градите имаа истетовирано орел во слободен лет. Тие што беа „на линија“, тетовираа петокрака, срп и чекан. Така добиваа од своите старешини наградно отсуство. А љубовџиите најмногу страдаа. На видно место го тетовираа името на својата девојка. После се женеа со друга и мораа да го ишкртаат името на бившата девојка. Процедура што беше сурова и за најголемите мазохисти. Ѕидната проза беше најдемократското место каде што се одржуваше духот на народот. На еден ѕид до Заводот за вработување некој наш Бодлер и Рембо истовремено, поетски воскликнал: „И диносаурусите изумреле, па што им фали?“ Кој е уметникот на овој графит? Па веројатно тој што се потпишал малку подолу: „Имам 29 години. Тоа е се што имам.“ Во П.С. додал: „Се пријавив во Заводот за вработување како роб на галија, ама бадијала. Такво работно место немале“. Одма до ѕидот, на еден контејнер пишува: „Затворено. Попис.“ Основното фолозофско прашање е прашањето за смртта. Зошто до ден денешен не е решено? Затоа што го решаваат филозофи. За среќа, со животот се занимаваат домаќини луѓе и нивното прашање гласи: „Како да живееме подолго?“ Одговорот е напишан на ѕидот на една јавна куќа во Амстердам: „Живејте двоен живот!“ Во социјализмот имаше повеќе графити од згради. После дојде капитализмот и сега има само згради. Најчесто со коцкарници, кладилници и експресни кредити. Старски домови скоро и да нема. Денешниве пензионери се исчуручија и немаат ич почит кон врвниот господ, познат и под терминот профит. Многу наши редовно превработени „аналитичари“ арчат тони хартија и минутажа за да го објаснат феноменот на масовно емигрирање од Македонија. Илјадници граѓани, не можејќи да го дочекаат нивниот „експертски“ одговор, ги пакуваат куферите. Еден од нив, пред да ја напушти родната грутка, еве што напишал на царинската рампа: „Во татковината ме задржуваше само силата на гравитацијата.“ Неколку години подоцна, до оваа искрена исповед, неговиот син го напишал својот графит: “Не ме чуди што тато побегна од дома, ама зошто побегна папагалот? Него барем редовно го храневме.“ Во мигови на физички и метафизички замор, некој антидржавен елемент напишал графит: „Ех... да имам памет ко македонскиве политичари барем еден месец, ќе се одморам ко човек“. И ете, некако се домкнавме до крајот кого го краси наравоучение. Доколку конечно не престанеме со националните кавги и не ја уништиме нашата морална и материјална беда, еден ден на нашите надгробни споменици ќе осамне графитот: „Не откопувај, нема ништо.“ П.С. Им благодарам на сите анонимни автори (и на мене!) што ги користев нивните графити и им посакувам големи и чисти ѕидови. И под итно да се донесе закон, без поседување на графити да не се издаваат градежни дозволи! (МИА)