Гутереш „шокиран“ од насилството врз демонстрантите во Иран

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги повика иранските власти да покажат „максимална воздржаност“ во екот на масовните протести што ја потресуваат земјата, пренесува ДПА. „Шокиран сум од извештаите за насилство и прекумерна употреба на сила од страна на иранските власти против демонстрантите, што доведе до голем број смртни случаи и повредени во изминатите денови“, напиша Гутереш на социјалната мрежа „Икс“. Тој нагласи дека правата на слобода на изразување, здружување и мирно собирање мора целосно да се почитуваат и заштитат. Гутереш упати апел до Техеран да се воздржи од непотребна и непропорционална сила и да овозможи пристап до информации преку обновување на комуникациските врски. Според податоците на  активистичката агенција „Хјуман рајтс активистс“ (Human Rights Activists News Agency). со седиште во САД, во последните 15 дена загинале најмалку 544 лица. Од нив, 483 се демонстранти, а 47 се припадници на безбедносните сили. Меѓу жртвите има и осум деца. Од организацијата напоменуваат дека реалниот број на жртви веројатно е многу поголем, со оглед на тоа што комуникацијата со надворешниот свет е силно ограничена поради прекините на интернетот и блокирањето на телефонските линии.