Институциите на ЕУ стануваат сè пооддалечени од грижите на обичните граѓани на Унијата, ситуација што им оди во прилог на популистите, смета претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ), Шејмус Боланд. - Разбирам зошто Брисел и националните престолнини насочуваат повеќе пари кон одбраната. Но, целиот наратив за „мировен проект“ повеќе не е привлечен за никого. Се префрливме во многу поинаква ситуација, изјави Боланд за „Политико“, непосредно по неговата средба со папата Лав Четиринаесетти. Според Боланд, зголемувањето на трошоците за одбрана мора да биде придружено со итни мерки за да се обезбеди подостапно домување и подобри услови за живот за младите луѓе и за ранливите категории Европејци - Што браниме? Мораме да ја разгледаме одбраната преку поголемата слика. За да го сториме тоа, мора да го вклучиме и граѓанското општество, бидејќи прашањето е: Која Европа ја браниме? Единствениот начин да го дефинирате тоа е со вклучување на организациите на граѓанското општество, порача Боланд. Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ) е консултативно тело на ЕУ кое ги обединува претставниците на синдикатите и граѓанското општество од целиот блок, а Боланд, кој е и извршен директор Ирската рурална мрежа, невладина организација која промовира одржлив рурален развој, е на негово чело од октомври минатата година. Оттаму во разговорот за „Политико“, Боланд се осврнува и на Договорот ЕУ-Меркосур, кој по последните најави треба да биде потпишан в сабота, оценувајќи дека тој „можеби е многу добар за Европа, но не е добар за земјоделците“. - Би рекол дека Комисијата треба да даде гаранции (за земјоделците) во следната Заедничка земјоделска политика и во Мултинационалниот финансиско-политички план, додаде Боланд.