Донев: Клинец во ковчег!?

Апсењето на претседателот на Венецуела, Мадуро, на 3 јануари 2026 година доаѓа точно 35 години по апсењето на друг еден латино-американски лидер, поранешниот диктатор на Панама, Нориега. Ништо ново! Посебно за латино-американските услови. Помалку или повеќе овој континент за Соединетите Држави претставуваше „заден двор“. Новата американска стратегија за национална безбедност овој „двор“ го надогради и го прогласи за „преден“. САД ја прогласија Латинска Америка за своја зона на интерес. Интересно е да се одбележи дека никој не реагираше на јавно искажаниот американски став. Никој не укажа дека прогласувањето на одредена територија, дали е континент, или регион, всушност означува почеток на поделба на планетата на сфери на интерес, помеѓу големите, или помалку големите светски играчи. Преименувањето на Мексиканскиот залив, во Американски, за многумина беше само обичен хир на новоизбраниот „луд“ американски претседател. Никој тој потег не го земаше како најава на сега веќе јасно дефинираната нова надворешна политика на САД. Инвазијата на САД врз Венецуела, претставува флагрантно кршење на меѓународното право. При тоа, воопшто не е важно дали таа инвазија е извршена заради спроведување на американското законодавство или не. Искажаните ставови на Вашингтонската администрација дека нападот е извршен поради вмешаноста на Мадуро во испраќањето на дрога во САД, воопшто не држи вода. Од аспект на меѓународното право тоа не е валиден аргумент. Тоа е изјава која може да се користи само за домашна употреба. Дополнително, не е лошо да се напомене, дека според американски извори Венецуела не е еден од главните снабдувачи на САД со дрога. Во крајна линија и сето ова да се прифати како релевантен аргумент, не постои никакво оправдување за американското користење на воена сила, при спроведувањето на акцијата. Посебно што оваа сила е искористена против суверена држава, која не е никаква закана за безбедноста на САД. Ваквиот потег на САД предизвика лавина на реакции во светот. Но, тие не беа вносни. Русија и Кина, заедно со нивниот партнер од БРИКС, Бразил реагираа жестоко. Државите од Латинска Америка, во најголемиот број исто така го осудија овој чин. Се разбира имаше и такви кои го бранеа. Аргентина на пример. Најинтересни беа државите членки на Европската Унија. Најголемиот дел од нив, прво укажаа дека не го признаваат легитиметот на Мадуро, па потоа да повикаат на воздржаност и почитување на меѓународното право. Кажано со други зборови, го повикаа тој што го прекрши меѓународното право со употреба на воена сила, да го почитува истото. „Најдалеку“ отиде италијанската влада која во соопштението прво истакна дека безбедноста на италијанските државјани и’ е на прво место, а потоа повика на деескалација на судирот. За разлика од мнозинсството европски држави, Шпанија и Франција јасно и гласно ја осудија акцијата на САД. Потенцираа дека таа е спротивна на меѓународното право. Ваквиот став на повеќето држави на Европската Унија уште еднаш ја потврдува нивната немоќ да се придржуваат до принципите за кои декларативно се залагаат. Уште полошо! Изјавата на група држави дека САД немаат право да го присвојат Гренланд, бидејќи тоа е спротивно на меѓународното право, делува смешно. Меѓународното право е едно и исто за сите земји членки на ООН. Не може да важи за Гренланд, односно Данска, а да не важи за Венецуела. Оттука не зачудуваат последните изјави на Белата куќа дека таа разработува варијанти за присвојување на еден или друг начин, на оваа данска територија. САД и до сега, а по интервенцијата во Венецуела, се сосема убедени дека европските држави се целосно немоќни да им се спротивстават. Светските медиуми, но и голем број на аналитичари американската акција во Венецуела се обидоа да ја објаснат со желбата на трамповата администрација да стави рака врз нејзините нафтени ресурси. На прв поглед ова се чини најлогично, но не е. САД, со воената акција во Венецуела, пред се’, сакаа да покажат дека се сериозни во своите намери Латинска Америка да стане нивна сфера на интерес. Венецуела беше најлесниот избор. Долгото владеење на корумпираните левичарски лидери ја уништија економијата. Богатите извори со нафта, но и метали, секоја година придонесуваат се’ помалку во буџетот на државата. Над 8 милиони граѓани ја имаат напуштено оваа држава. Непризнавањето на Мадуро за легитимен престедател, од страна на поголем број на држави во светот, преставуваше само колатерален бенефит за полесно спроведување на акцијата. Се разбира, одлуката за интервенција во Венецуела, исто така, беше мотивирана и од нејзините силни политички и економски врски со Кина и Русија. Пораката е повеќе од јасна. Латинска Америка е американска зона и ниту една друга сила нема што да бара на тој простор. Запленувањето на бродовите кои пренесуват нафта од Венецуела кон Кина, или кон други држави, а посебно последниот инцидент со запленување на брод кој пловел под руско знаме, само ја покажува целосната американска одлучност со сите расположиви сили да ги потисне руското, а посебно кинеското влијание, но и економско присуство на овој континент. Пораката е повеќе од јасна. По прашањето на Латинска Америка вашингтонската администрација не е подготвена со никого да разговара. Брзината со која ги презема последнователните чекори покажува желба за поседување на „одврзани раце“ при преземањето на следните чекори, а пред се’ во однос на Гренланд и Артикот. Намерата е повеќе од читлива. Завземање на што е можно стратешки по поволни позиции, пред завршувањето на војната во Украина. Всушност, слободно може да се каже дека во моментов американската администрација ја копира руската, во справувањето со Европската Унија и големите европски држави. Прашањето со Кина е многу покомплексно. Кина сеуште нема јавно декларирани аспирации кон евентуални зони од интерес. Се разбира Тајван не е предмет за разговор. Сепак, кинеското присуство на африканскиот континент не е за потценување. Актуелната посета на кинескиот министер за надворешни работи на неколкуте африкански држави, само ја потврдуваат тезата. Артикот е исто така од интерес за Кина, но тука таа нема некои поголеми предизвици. Русија е отворена за целосна соработка. Прашање е само на кој начин Москва ќе ги усогласи своите и кинеските интереси со интересите на САД. Воената интервенција на САД врз Венецуела, слободно може да се каже дека преставува ставање на клинец врз ковчегот на стариот светски поредок. Новиот, ако се суди по моменталните постапки на големите светски играчи ќе може да се дефинира по завршувањето на процесот на поделба на сферите на влијание. При ова, голема непознаница е однесувањето на регионалните играчи. Тие нема така лесно да сакаат да се откажат од своите позиции. Оттука, изјавата на македонската влада со која ја подржува американската интервенција во Венецуела може и треба да се толкува од аспект на прагматичност. Да се брани меѓународното право, во услови кога фактички не постои, е залудно. Дотолку повеќе што развојот на настаните на европскиот континент, катадневно станува се понепредвидлив, а европските држави одамна го имаат изгубено интересот за владеењето на меѓународното право, кога се работи за држави како Македонија. Република Турција уште одамна ги има дефинирано териториите на поранешната Отоманска империја за сфера на свое влијание. Турскиот нео-отоманизам е израз на таа политика. Видливото и засиленото присуство на просторите на Западен Балкан, во регионот на Источниот Медитеран, но и Кавказкиот регион преставува закана по руските интереси. Русија, пред започнување на воената агресија врз Украина јасно им стави до знаење на земјите членки на НАТО дека Кавказскиот регион и Балканот ги смета за своја зона на интерес. Италија полека, но сигурно се враќа на старата идеја за претварање на Медитеранот во италијанско „езеро“. Дополнително тука е и Албанија, но и Косово. Србија, исто така регионална сила, преку политиката на „српски свет“ јасно декларира регионални аспирации. Обидите на Хрватска, Албанија и Косово да и’ парираат на таа политика, само ја зајакнува српската милитаризација. Последната најава на српскиот претседател дека Србија ќе набави ново оружје вредно неколку милијарди евра е само потврда на нејзиното не отстапување од регионалните амбиции. Регионалните аспирации на големите европски држави, сега за сега, се прикриваат преку политиката на Унијата за проширување. Исклучок е Обединетото Кралство. Тоа не е во состојба да ја следи политиката на големите држави членки на Унијата и затоа презема билатерални активности, но сега за сега без поголем регионален успех. Изнесеново во комбинација со американското повлекување од Балканот, го прави целиот регион зона на зголемен ризик. Македонскиот потег со поддршката на воената интервенција на САД во Венецуела, треба да биде пропратен со зајакната дипломатска активност, а во функција на поголема видливост во Вашингтон. Поддршката на САД во ова, но и наредните години, ќе биде од клучно значење за потиснување на регионалните амбиции, но и во евентуалниот договор на големите сили за поделба на сферите од интерес. Македонија не треба и не смее да остане во руската, српската или турската зона од интерес. Автор: Јован Донев за НетПрес