Гренланд, НАТО, Македонија… и новите воени сојузи

Десеттина години наназад упорно говорам и пишувам дека влезот на Република Македонија во НАТО претставува опасност за територијалната целовитост на државата. Говорам и пишувам дека после влезот во НАТО, Република Македонија, во некаков хипотетички обид за поделба на нејзината територија меѓу нејзините соседи, држави членки на НАТО, во реализација на нивниот недосонуван сон, ќе биде сосема беспомошна да се спротивстави на сопственото исчезнување. Имено, доколку дојде до таква ситуација, поделбата на Република Македонија би бил внатрешен проблем на НАТО, односно, ние како држава би немале можност да побараме помош од кого и да е, затоа што било чие вмешување (не знам дали некој после нашата целосна посветеност кон НАТО, воопшто и би се вмешал) за да ни помогне да го сочуваме територијалниот интегритет, би било протолкувано како напад врз целата НАТО организација и би се активирал тој “фамозен“ член 5 од “Уставот“ на НАТО. Па, молчешкум, “под чадорот“ на НАТО, би се реализирала нашата хипотетичка поделба. Зошто го повторувам ова токму сега? Затоа што многумина се смееја, а верувам и денес се смеат на ваквото тврдење. Ама денес, после најавата на американскиот претседател за воена анексија на Гренланд, насмевката им се замрзна на устите. И навистина, што доколку Доналд Трамп истовари воени единици на Гренланд и објави дека од тој момент ледениот остров е дел од САД? Дали “европското НАТО“, оној смешниот дел од оваа воена организација кој не може да собере ниту дваесеттина илјади војници, според членот 5 од “Уставот“ на НАТО, ќе застане во одбрана на Гренланд и ќе се спротивстави на воената агресија на САД, инаку членка на НАТО? И, дали нашите војници во составот на НАТО, заедно со САД ќе го нападнат Гренланд, или заедно со “европското НАТО“ ќе го бранат од “агресорот“ ? Или, она што многу наликува на нашата надворешна политика, еден дел од македонските војници заедно со војниците од САД, ќе го “напаѓаат“, а другиот дел, на чело со Шеќеринска, заедно со “европјаните, ќе го “бранат“ “нападнатиот“ Гренланд. Еве, заради оваа смешна ситуација, која може да биде и трагична, но која и не мора да се случи, но сосема е доволно што за неа се зборува на највисоко ниво, заради ова и вакво НАТО кое се распаѓа по сите основи, кусогледите, слабоумни пазарџии од Горни Милановац, не воведоа во состојба на гарантна окупација во однос на официјална Атина, ни го сменија името и ни одзедоа дел од нашиот идентитет. НОВИТЕ ВОЕНИ СОЈУЗИ За жал, едни други случувања, како дел од НАТО распадот, претставуваат многу поголема опасност за нас и за иднината на Република Македонија и регионот. Тоа се новите воени сојузи кои се создаваат внатре во НАТО, од држави членки, но и, од држави членки заедно со други држави кои не припаѓаат на НАТО. Да одиме по ред. Најпрво беше формиран воениот сојуз со учество на Република Хрватска, Република Албанија и недефинираното Косово, во кој Хрватска и Албанија се членки на НАТО, а Република Бугарија и Република Романија, како членки на НАТО, изразија подготвеност да се придружат на ваквиот воен сојуз. Со тоа, Косово, се’ повеќе вооружувано од Турција, како на мала врата да станува дел од еден воен сојуз внатре во воениот сојуз НАТО. Многу брзо после тоа, сметајќи го ова за провокација и закана, Република Србија договори воен сојуз со Република Унгарија, членка на НАТО, цврсто поддржана од новата американска администрација, секако, како одговор на хрватско-албанско-косовскиот сојуз, помогнат со турско оружје. Во меѓувреме, нов воен сојуз формираа две членки на НАТО, Република Грција и грчкиот дел на Кипар, заедно со Израел, со најава дека сакаат да го контролираат делот на Источниот Медитеран, односно територијалните води на Република Турција. Па, во Белград веќе се разгледува можноста за поврзување на двата воени сојузи, оној нивниот со Унгарија, со овој, на нивните, како што велат, вековни пријатели. Секако, сојуз кој би бил насочен против Турција и нејзините неоосманлиски аспирации. И конечно, Република Турција, како членка на НАТО, ја разгледува можноста за создавање “исламски НАТО“, придружувајќи се на веќе постоечкиот воен сојуз на Саудиска Арабија и Пакистан, со објава дека, за овој сојуз, секој чин на агресија против една членка се смета за напад врз сите земји членки. Преговорите се во поодмината фаза и, се очекува скоро да завршат со обзнанување на новиот воен сојуз. Сето ова, повторно, штедро помогнато, да не речам иницирано, од големите европски сили, Велика Британија и Франција, ако се’ уште не можете да се сетите, претставува трескавично разместување на сценските реквизити на сцената на балканскиот театар, идентично како и пред Балканските и Првата светска војна. Воени сојузи кои само што не почнале да удираат во воените барабани. Воени сојузи како фрагменти од НАТО воениот сојуз во распаѓање. МЕСТОТО НА МАКЕДОНИЈА За Република Македонија постојат повеќе патишта по кои би можела да се движи. Првиот е да си тераме по умот на Шеќеринска, да не се осврнуваме на сето ова што се случува и папагалски да повторуваме дека “НАТО ќе не брани“, во ситуација кога тој треба да се брани самиот од себе, при што нашето постоење или непостоење  му е сосема небитно. Па, да чекаме “што ќе ни даде Господ“. Вториот е да се придружиме кон еден од овие сојузи кои се создаваат токму околу нас и, со тоа да си ја одредиме својата зла судбина, зашто ниту еден од овие сојузи воопшто не размислува за постоењето на Македонија како држава, туку за наше целосно бришење. Третиот е можеби најпогубниот. Како држава воопшто да не се осврнеме на ова што се случува, да не донесеме никаква одлука за сопствениот пат, па повторно, како во Балканските војни, Македонците, со различни капи на главите, во различни воени сојузи, да гинат во братоубиствена војна, брат против брат за туѓи интереси. Свесни за сето ова, веќе на 4 февруари, на 36-та годишнина од формирањето на партијата, МААК ќе ја реактуелизира идејата за неутрална македонска држава. Ќе обзнаниме документ во кој, во согласност со новите геополитички односи во светот, ќе изградиме стратегија за зачувување на нашата државност и ќе и’ ја понудиме на македонската нација. Имено, светот излегува од “зоната на самракот“, од униполарниот светски поредок, вклучително од мултилатерализмот. Завршува времето на сојузи од типот на ЕУ и НАТО, па дури и на неефикасните Обединети Нации и, започнува светот на билатерални договори на националните идентитети. Тие договори, сакале ние или не, ќе ги раководат Вашингтон, Москва и Пекинг, во согласност со нивните интереси и зони на влијание. Нема да биде едноставно, ниту лесно, но, во билатерални разговори со светските сили, ќе треба да ги убедиме од потребата за постоење на еден неутрален остров во срцето на Балканот, токму под нивно заедничко покровителство, како гарант на мирот на оваа невралгична светска точка. Оној мир, кој токму ним ќе им биде потребен за реализација на сопствените интереси и за целосен пораз на либералните “елити“ за владеење со светот од еден центар, заради што и ја местат сцената за нови балкански војни. Можеби некому ќе му делува утопистички, но големите идеи на почетокот секогаш изгледале така. Наше е да размислуваме, да бараме решение и да се обидеме во новата геополитичка реалност да го реализираме. Нормално, единствено во интерес на македонската држава и македонскиот народ. Страшо Ангеловски Претседател на МААК