Гаши: Како членка на НАТО не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност Филип Здравески 12.01.2026 / 13:52 Македонија Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност. На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник. Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки. Гаши информираше дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор. Соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда, Игор Филков, за формирање работна група за Изборниот законик. Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања. Африм Гаши Автор/Извор Макфакс Прикажи во метро Off