Екологијата и регионалниот развој во фокус на средбата Хоџа – Ќехаја

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање. Ккао што соопшти Министеството за животна средина и просторно планирање, Хоџа и Ќехаја на средбата „ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји“. -Тие ја истакнаа важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја. Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА-Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји, соопшти МЖСПП. Министерството додава дека на средбата бил изразен „заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум меѓу двете држави“. -Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство, се наведува во соопштението.