ВРЕДИ: Европскиот фронт се однесува деструктивно кон прашања кои се регулирани со парламентарна постапка

Денес сме тука од многу јасна причина. Европскиот фронт, или како што е познат во јавноста како НАИ, предводен од Демократската унија за интеграција, се однесува на целосно деструктивен начин кон прашања кои се сосема нормални, технички и јасно регулирани со парламентарна постапка, истакна на денешната прес-конференција пратеничката на ВРЕДИ, Калтрина Беќири. -Сакам јасно да нагласам од самиот почеток: ова однесување не е и никогаш не било нормална парламентарна пракса. Верификацијата на мандатот на пратеникот не е политичко прашање, ниту прашање на мнозинство или малцинство, туку формална и автоматска постапка на Собранието. Кога пратеникот преминува на друга функција, Собранието има јасен и консолидиран механизам: мандатот се пополнува со следниот кандидат на листата. Ова не е прашање на политичка волја, туку институционална обврска. Негласањето или гласањето против верификацијата на мандатот е апсурдно и опасно за демократското функционирање на државата. Да поставиме едно хипотетичко, но многу реално прашање: што би се случило ако утре треба да се верификува пратеник на ДУИ, а парламентарното мнозинство одбие да гласа за неговиот мандат? Ова би значело блокада на институциите и би бил институционален пуч, а не демократски процес. Токму ова однесување го видовме во случајот со пратеничката Валбона Адили Емини, која го замени Салим Сулејмани, а го видовме повторно вчера со пратеникот Зеќирја Таири, кој го замени пратеникот Беким Сали, кој веќе е назначен за министер. Во двата случаи, опозицијата одлучи да политизира техничка постапка, создавајќи непотребна конфузија кај граѓаните. Овој деструктивен пристап не запира само на верификацијата на мандатите. Тој се протега и на клучните процеси на донесување одлуки поврзани со реформата на правосудството. На 29 декември, Собранието го одобри Предлог-законот за Судски совет, закон што ги поставува темелите за силен, независен и транспарентен Судски совет, со цел зголемување на довербата на граѓаните во судскиот систем. И овој закон, дел од агендата за државни реформи, не беше поддржан од Европскиот фронт, односно ДУИ. Вчера, на 12 јануари, Собранието имаше пред себе два предлози од Претседателот за членови на Судскиот совет: искусен адвокат и универзитетски професор со високи професионални квалификации, етнички Албанец. И во овој случај, Европскиот фронт одлучи да не го поддржи процесот. Ние не ја отвораме оваа тема за имиња или етничка припадност. Она што е суштинско е политичкото лицемерие на оние кои јавно зборуваат за застапување и институции, но во пракса блокираат секој процес што не е контролиран од нив. Имаа можност со своите гласови да докажат дека се за реформи и функционални институции, а го избраа спротивното. Една опозиција, која преку своите постапки, придонесе довербата на граѓаните во судството да падне на минимално ниво, денес јасно докажува дека не е заинтересирана ниту за реформи ниту за почитување на парламентарните процедури. Ние ќе продолжиме да инсистираме на ред, закон и нормално функционирање на институциите. И јавно ќе го осудиме, секогаш кога е потребно, секое деструктивно однесување што му штети на јавниот интерес и демократскиот поредок, рече Беќири.