Бил Клинтон и Хилари одбија да сведочат за Епстин во Конгресот

Бил и Хилари Клинтон одбија да сведочат во конгресната истрага за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин што ја водат републиканците, оценувајќи дека станува збор за партиски мотивирана постапка. Во писмо до републиканскиот пратеник Џејмс Комер, претседател на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, тие напишаа дека „секој човек мора да одлучи кога му е доста“ и додадоа дека за нив „тој момент дојде сега“. Комер се закани дека ќе ги прогласи Бил и Хилари Клинтон за виновни за непочитување на Конгресот доколку не се појават пред комитетот, што потенцијално би можело да доведе до кривични пријави. Во писмото што Хилари Клинтон го сподели на социјалните мрежи, таа и сопругот наведуваат дека се обиделе да ги дадат оние „малку информации“ што ги имале за да помогнат во истрагата, а Комер го обвинија за одвлекување на вниманието од пропустите на администрацијата на Трамп. - Тоа го направивме затоа што злосторствата на Епстин беа ужасни. Ако владата не направила сè што можела за да ги истражи и гони тие злосторства, од која било причина, тоа треба да биде фокусот на вашата работа … Нема докази дека вие го правите тоа, напишаа тие. - Нема убедливо објаснување за она што го правите, а да не е партиска политика, порачаа тие и додадоа дека очекуваат Комер да му наложи на комитетот да ги прогласи за виновни за непочитување на судот. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп му нареди на Министерството за правда да ги објави досиејата поврзани со кривичните истраги за Епстин, кој своевремено беше пријател со Трамп и семејството Клинтон, а сè во согласност со законот за транспарентност што го донесе Конгресот.