Тимошенко: Почна чистка на конкуренцијата во Украина Александра Спасеска 14.01.2026 / 14:45 Свет Украинската политичарка Јулија Тимошенко, лидерка на партијата Батьківщина (Татковина), е обвинета за нудење мито на пратениците на Врховната рада, објави Олха Постољук, портпаролка на Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (SAPO). Според Националното биро за борба против корупцијата на Украина (NABU), Тимошенко започнала разговори за поткуп на пратениците откако неколку пратеници од партијата на претседателот Володимир Зеленски беа обвинети во посебна истрага за борба против корупцијата во декември. Целта, тврди NABU, била да се обезбедат нивните гласови во парламентот. За што е обвинета? „Ова не се еднократни договори, туку редовен механизам на соработка што вклучувал аванси и бил дизајниран за подолг период“, соопшти NABU. Пратениците наводно биле упатени како да гласаат, а во некои случаи кога да се воздржат или да не гласаат. Според полициски извор, Тимошенко наводно нудела мито на пратениците од партијата Слуга на народот, на која припаѓа претседателот Зеленски. НАБУ, исто така, објави наводни упатства што Тимошенко ги испратила до еден пратеник. Упатствата, според истражителите, повикуваат на гласање за разрешување на шефот на Безбедносната служба на Украина (SBU) Васил Малјук, министерот за одбрана Денис Шмихал и министерот за дигитална трансформација Михајло Федоров. Тие, исто така, повикуваат на гласање против назначувањето на Федоров за министер за одбрана, Шмихал за министер за енергетика и Денис Маслов за министер за правда. Има видеоснимка Според видеоснимка објавена од NABU, Тимошенко наводно понудила „10“ како авансна исплата по пратеник за две парламентарни седници месечно, што се толкува како 10.000 долари. „Ако денес се договориме, ќе забележиме кој е со вас и ќе ви ги дадам парите. А потоа сами ќе се договорите со нив“, се вели во снимката. Тимошенко потоа прашува дали може да испрати упатства за гласање преку апликацијата Signal. На истата снимка, Тимошенко зборува и за обид за „уништување на мнозинството“, што се толкува како обид за ослабување на парламентарното мнозинство на партијата Слуга на народот. SAPO и NABU вчера ги претресоа канцелариите на партијата Баткившчина. Тимошенко потврди на Facebook дека биле извршени претреси. Yulia Tymoshenko, ex-PM and Batkivschyna leader, has been officially charged by NABU with attempting to bribe MPs, offering cash for votes or switching sides. Footage from the raid shows stacks of dollars in her office. Tymoshenko, now in parliament, calls the charges “absurd.” pic.twitter.com/CMYpIfCoCu — NOELREPORTS (@NOELreports) January 14, 2026 Двапати беше премиерка „Не пронајдоа ништо, па ги зедоа моите службени мобилни телефони, парламентарни документи и лични заштеди, сите уредно пријавени во имотниот лист“, напиша Тимошенко. Таа додаде дека „категорично ги отфрла сите апсурдни обвинувања“ и тврди дека се чини дека „изборите се поблиску отколку што се мислеше и дека некој одлучил да почне да ја чисти конкуренцијата“. Обвиненијата доаѓаат две недели откако NABU објави дека открила криминална мрежа на пратеници кои добивале пари во замена за гласови во парламентот. Тимошенко, која беше премиерка на Украина во 2005 година и повторно од 2007 до 2010 година, моментално ја води партијата Батьківщина, која има 25 пратеници во Врховната рада. Таа учествуваше на вчерашната седница на парламентот, каде што се гласаше за реконструкција на владата. Оваа реконструкција следеше по најголемиот корупциски скандал во Украина, поврзан со перење пари и проневера во државната нуклеарна компанија „Енергоатом“, кој беше разоткриен од НАБУ на есен минатата година. Во скандалот беа вклучени неколку високи функционери, вклучително и луѓе блиски до претседателот Зеленски. Украина Јулија Тимошенко Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On