ДИК ги потврди новите градоначалници на Гостивар, Врапчиште, Маврово Ростуше и Центар Жупа

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги потврди имињата на Ваљбон Лимани и Исен Шабани од Национална алијанса за интеграција, Онер Јакуповски од коалиција „Твоја Македонија“ и Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, за нови градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово Ростуше и Центар Жупа. Потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири кажа дека Комисијата ги задолжува општинските изборни комисии да постапат според Изборниот законик и веднаш да ги објават конечните резултати од гласањето одржано на 11 јануари. Ангелчо Ристов од ДИК се осврна на гласачкото место во Гостивар, каде не било спроведено гласање. - Пред да пристапи Комисијата кон објава на конечни резултати, ДИК мора да донесе одлука за не спроведување на гласање на избирачкото место 0782 за општина Гостивар, на кое избирачко место на 11 јануари во согласност со членот 104 и став 2 од Изборниот законик, поради лошите временски услови, не беше спроведено гласање, појасни Ристов на почетокот на седницата. Тој рече дека на ова избирачко место биле запишани само 23 лица со право на глас, а можело да се утврди дека на бројот на запишани гласачи, не влијае - врз однос на остварените резултати кон кандидатите за градоначалник на општината.