Расмусен: Данска е подготвена да стори повеќе, а САД веќе имаат широк воен пристап до Гренланд

Данска е „подготвена да стори повеќе“, а Соединетите Американски Држави веќе имаат широк воен пристап до Гренланд и би можеле да побараат зголемување на своето воено присуство, при што секое такво барање ќе биде конструктивно разгледано, изјави денеска министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Локе Расмусен. На прес-конференцијата одржана во присуство на министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Моцфелд, во данската амбасада во Вашингтон, Расмусен рече дека денешниот состанок со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и американскиот државен секретар Марко Рубио уследил по низата впечатливи јавни изјави за Гренланд, пренесува Би-Би-Си. Како што истакна Расмусен, Гренланд е покриен со членот 5 од НАТО, кој ја дефинира колективната одбрана кога е нападната која било членка на Алијансата. Тој додаде дека целта на состанокот била да се најде заеднички начин за зајакнување на безбедноста на Арктикот. Расмусен го опиша разговорот со високите американски претставници како „искрен, но конструктивен“. Тој наведе дека разговарале за тоа „како да се осигура долгорочната безбедност на Гренланд“, пренесе „Гардијан“. Расмусен рече и дека ставовите „и понатаму се разликуваат“, дека американскиот претседател Доналд Трамп „јасно го изнесе својот став“, а дека Данска и Гренланд „имаат поинаков став“. Според него, Данска „и понатаму верува дека долгорочната безбедност на Гренланд може да се осигура во рамките на тековната рамка“. Тој додаде и дека Данска и Гренланд ја сметаат „секоја идеја која не би го почитувала територијалниот интегритет на Данска и правото на самоопределување на гренландскиот народ“ за целосно неприфатлива. - Затоа и понатаму имаме фундаментално несогласување, но исто така се согласуваме дека не се согласуваме, рече Расмусен. Тој наведе и дека ќе биде формирана работна група на високо ниво која ќе истражи дали тие два става можат да се усогласат. Данскиот министер рече дека таа група ќе се фокусира на безбедносните проблеми на САД во врска со Арктикот, со почитување на данските „црвени линии“, и дека за првпат ќе се состане „за неколку недели“.