В.Д. претседателката на Венецуела вети продолжување на ослободувањето на политичките затвореници

Вршителката на должноста претседателка на Венецуела, Делси Родригез, денеска најави дека власта ќе продолжи со ослободување на затворениците од времето кога владееше соборениот претседател Николас Мадуро. Родригез, која од 2018 година беше потпретседателка на Венецуела, раководеше со злогласната разузнавачка служба и нафтената индустрија. На првата прес-конференција откако САД го заробија и одведоа Мадуро, таа денеска им изјави на новинарите во Претседателската палата дека процесот на ослободување на затворениците започнал за време на владеењето на Мадуро и дека „сè уште не е завршен“. - Тој процес останува отворен, додаде таа, напомнувајќи дека ослободувањето на затворениците значи дека Венецуела „започнува нов политички пат кој овозможува разбирање за разликите, како и политичка и идеолошка разновидност“. Родригез (56), поранешна адвокатка, положи заклетва како преодна претседателка два дена откако американската војска, по наредба на претседателот на САД, Доналд Трамп, го одведе Мадуро, по што Трамп изјави дека САД ќе управуваат со Венецуела. Нејзината денешна изјава очигледно се однесува на затворениците за кои организациите за човекови права велат дека се зад решетки поради политички причини, пренесе Бета. Водечката венецуелска организација за права на затворениците „Foro Penal“ тврди дека 68 политички затвореници се ослободени откако власта, сега под контрола на Родригез, вети дека ќе пушти „значителен број“. Тоа се толкува како настојување да се задоволат барањата на Вашингтон.