Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со пораз ја почнаа новата календарска година, откако вечерва загубија на домашен терен од Војводина со 78-73 во рамки на 6. коло во АБА 2 лигата. По резултатски израмнетата прва четвртина (18-16), уследи пад во играта на МЗТ Скопје што гостите од Нови Сад го искористија и пред крајот на третиот дел стекнаа предност од највисоки плус 18 поени (63-45). Од тој момент МЗТ Скопје влезе во серија од 16-0, намалувајќи ја негативата на само два поени, а кратко потоа и поведе со 66-65. Сепак, кошаркарите на Војводина беа поумешни во завршницата и на крајот заслужено му го нанесоа третиот пораз на МЗ Скопје во шестиот натпревар оваа сезона во регионалната лига. Гил со 17 и Петков со 16 поени беа најефикасни во редовите на МЗТ Скопје, чиј следен противник на 28 јануари, повторно во Скопје, ќе биде Подгорица.