Членовите на Европската комисија во дводневна посета на Кипар

Членовите на Европската комисија, предводени од претседателката Урсула фон дер Лајен, денеска и утре ќе престојуваат во посета на Кипар, кој е актуелен претседавач со Советот на ЕУ. Според најавата, предвидено е Колеџот на комесари да има средба со Владата на Кипар со цел зајакнување и понатамошно унапредување на соработката меѓу двете институции преку состаноци на високо ниво и дискусии за клучни политички прашања од заеднички интерес и за Комисијата и за Советот на ЕУ. Предвидено е состаноците меѓу еврокомесарите и кипарските министри и заменици-министри да се одржат во Новото пристаниште во Лемесос и да бидат организирани во четири тематски групи. Паралелно со ова, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе има билатерална средба со претседателот на Кипар, Никос Христодулидес. На крајот е предвидено одржување и пленарна сесија на еврокомесарите и министрите во кипарската Влада, со која ќе претседаваат Фон дер Лајен и Христодулидес. Покрај работниот дел, посетата ќе вклучува и обиколка од страна на еврокомесарите на дел од „Зелената линија“ во Лефкоза, при што ќе ја посетат и фотографска изложба „Кипарското прашање“ во организација на Канцеларијата за печат и информации на Кипар. Еврокомесарите ќе имаат обиколка и на новиот патнички терминал во пристаништето Лемесос и ќе ја посетат изложбата на отворено „Амалтеа“, која го афирмира Кипар како европски хуманитарен центар во регионот на Блискиот Исток и Северна Африка. Посетата на Колеџот на комесари на земјата актуелен претседавач на Советот на ЕУ е вообичаена пракса на почетокот на секое Претседателство.