Комарците сè почесто ги напаѓаат луѓето – научниците откриваат зошто

„Некои видови комарци сè повеќе се хранат со човечка крв, а научниците велат дека за тоа најверојатно сме самите одговорни. Ново истражување спроведено во Бразил покажува дека со намалувањето на биоразноликоста расте веројатноста комарците да ги изберат луѓето за оброк. Како што човечката активност ги потиснува другите животни од одредени региони, комарците имаат сè помалку алтернативи за хранење“, пишува Сајанс Аларт (Science Alert). Истражувачи од Федералниот универзитет во Рио де Жанеиро и Институтот „Освалдо Круз“ поставиле светлосни стапици во два природни резервати во Атлантската шума, од каде што собрале 52 видови комарци. Со земен примерок од над 1.700 единки, истражувачите ги издвоиле женките кои се хранеле со крв. Кај 24 од нив биле пронајдени препознатливи ДНК траги. Анализата покажала дека во 18 примероци се идентификувала човечка ДНК. Следната најчеста група биле птиците - крв од шест различни видови, а по еден примерок содржел крв од водоземци, глодари и кучиња. Според биологот Жеронимо Аленкар од Институтот Освалдо Круз видовите комарци што ги уловиле во Атлантската шума се доказ дека се хранеле со човечка крв. Научниците наведуваат дека уште една од главните причини е зголеменото присуство на луѓе поради дефорестацијата. -Со помалку природни опции за хранење, комарците се принудени да бараат нови извори на крв. Поради тоа, се повеќе се хранат со луѓе, кои се најраспространети домаќини во овие области, објаснува микробиологот Сержо Машадо од Федералниот универзитет во Рио де Жанеиро. Според нив е потребна подетална анализа, вклучувајќи подобри методи за фаќање комарци. Светлосните стапици почесто привлекуваат гладни комарци, додека оние што неодамна се хранеле потешко се фаќаат, бидејќи претпочитаат да одмараат. Подобро разбирање на навиките на комарците може да помогне во развој на стратегии за превенција од болести. Истражувањето е објавено во списанието  Фронтиерс ин Еколоџи енд Еволушн (Frontiers in Ecology and Evolution).