Времеплов: 76 години од потегот што го инспирираше логото на Panini Филип Здравески 15.01.2026 / 15:51 Фудбал Неверојатна приказна се крие во фотографијата од фудбалерот што изведува спектакуларен удар над глава, овековечена со децении на пакетчињата со сликички на Panini поради што стана легендарна. Не, фигурата од човек што изведува акробатски удар на логото на Panini не е измислена од некој уметник, туку зад неа се крие вистинска приказна, стара преку половина век. Авторот на сега легендарниот удар над глава е Карло Парола, играч на Јувентус и италијанската репрезентација од 40-тите и 50-тите години. Куриозниот факт е дека, спротивно на популарното верување, препознатливото лого не прикажува удар на напаѓач кој има намера да постигне гол, туку на дефанзивец кој ја отстранува опасноста од својот шеснаесетник. Компанијата Panini со седиште во Модена, која ги произведува легендарните албуми со сликички од играчи од 1961 година, го базира овој симбол на фотографија направена од фотографот Корадо Банки за време на натпреварот Фиорентина - Јувентус одигран на 15 јануари 1950 година во рамките на 20-тото коло од Серија А. Банки, кој бил и новинар, вака ја опишал таа 80-та минута кога ја направил фамозната фотографија: „[...] (Аугусто) Маљи испраќа долга топка кон (Еџисто) Пандолфини. Еџисто спринтира напред, само Карло Парола е меѓу него и голманот; напаѓачот чувствува дека може да заврши, но дефанзивецот не му дава време да дејствува. Импозантен скок, скок во небото, парирање во уникатен стил. Овации го поздравуваат подвигот на Парола.“ Резултатот од мечот во Фиренца останал 0:0. На крајот на сезоната Јуве станал шампион со 62 бода, пет повеќе од Милан, освојувајќи го своето осмо Скудето. Препознатливото лого прв пат се појавило во Албумот Calciatori на Panini во изданието од сезоната 1965/1966, преработено од уметникот Вајнер Вакари со бои различни од оригиналот: за да се обезбеди непристрасноста на симболот, на Парола му бил отстранет црно-белиот дрес и бил заменет со црвен дрес, бели шорцеви и црно-жолти штуцни, создавајќи комбинација на бои што не одговарала на ниту еден вистински италијански фудбалски тим во тоа време. Албумот за сезоната 1965/1966 Карло Парола, роден на 20 септември 1921 во Торино, речиси целата своја кариера ја минал во Јувентус, со исклучок на последната сезона 1954/1955 кога играл епизодна улога во Лацио. Освоил Скудето во 1949/1950 и 1951/1952, како и Копа Италија во 1941/1942. Одиграл вкупно 334 натпревар во 15-те сезони минати во дресот на Јуве постигнувајќи 10 голови, а за Лацио одиграл само 7. За репрезентацијата на Италија запишал 10 настапи и бил во составот на Мундијалот 1950 во Бразил, каде играл само во 3:2 поразот од Шведска. ⚫⚪ Carlo Parola (b. September 20, 1921 – d. March 22, 2000) – Juventus icon & eternal No. 6 ? Elegant CB/DM, famed for leadership & his legendary bicycle kick immortalized in Panini logos ✨ Juventus (’39–’54), Lazio. 2x Serie A, Coppa Italia ’42. 10 caps, WC ’50 squad pic.twitter.com/au3wjVfrmd — football nostalgic (@futball_diary) September 20, 2025 По завршувањето на кариерата станал тренер најпрво како асистент во Лацио, а потоа ги водел Анконитана, Јувентус, Прато, Кјери, Ливорно и Новара. Бил и во Наполи, но како тренер во стручниот штаб. Со Јуве освоил уште три Скудета и 2 купа. Починал на 22 март 2000 година на 78-годишна возраст. на денешен ден Серија А Panini Јувентус Автор/Извор Филип Здравески Прикажи во метро On