ЕУ воспостави нов механизам за ограничување на цената на руската нафта

ЕУ од денеска започнува со примена на новиот автоматски и динамичен механизам за прилагодување на цената на руската нафта, соопшти Европската комисија. - Новото ограничување на цената на руската нафта е 44,10 долари за барел со важност од 1 февруари. Почнувајќи од 15 јануари, старите договори склучени според претходната ограничена цена може да се применуваат 90 дена, се наведува соопштението. Комисијата посочува дека согласно 18-тиот пакет санкции кон Русија, максималната цена на руската нафтата е намалена од 60 на 47,60 долари, при што е најавен и новиот автоматски и динамичен механизам за утврдување на идните ограничување на цената на енергенсот. - Новиот механизам гарантира дека ограничувањето е секогаш 15 отсто пониско од просечната пазарна цена на уралската нафта во претходниот референтен период од 22 недели, се додава во соопштението. Според ЕК, ограничувањето на руските приходи од енергенсите постојано било и ќе остане врвен приоритет за ЕУ, со цел ослабување на способноста на Москва да ја води својата илегална воена агресија во Украина. - Ограничувањето на цените ќе биде предмет на редовна ревизија на секои шест месеци од страна на Комисијата, иако вонредни ревизии се можни кога тоа е соодветно оправдано со развојот на настаните на пазарите на нафта или други непредвидени околности. Комисијата е во редовен контакт со земјите членки на ЕУ, како и со меѓународните партнери, за да обезбеди тесна координација на мерките, нагласи ЕК. Г7 во 2022 година создаде Коалицијата за ограничување на цените на нафтата и воспостави механизам за ограничување на цените на руската нафта и нафтени деривати што се транспортираат по море. Врз основа на ова на компании од ЕУ им е дозволено да обезбедуваат поморски транспорт и други услуги за руската нафта и нафтените деривати само ако тие се продаваат на ниво или под соодветните ценовни ограничувања. - Овој механизам е специјално дизајниран да изврши дополнителен притисок врз приходите од нафта на Русија, а воедно да ги одржува глобалните енергетски пазари стабилни преку континуирано снабдување, додава Комисијата.