Најмалку четири лица се повредени денеска при пожар во станбен кварт во центарот на холандскиот градот Утрехт. На пожарот му претходела најмалку една експлозија во една од станбените згради, од која потоа огнот се проширил на уште неколку објекти. Како што јави холандската државна телевизија НОС, како последица на пожарот и експлозијата се урнале делови од неколку згради. На пожарникарите им биле потребни неколку часа да го стават огнот под контрола, кој сè уште не е целосно изгаснат. Портпарол на противпожарната служба информира дека засега сè уште не е безбедно да се пребараат срушените и оштетени згради и да се утврди дали во нив имало и други луѓе. Сепак, според него, засега нема пријавено исчезнати лица. Надлежните нема точен податок колку луѓе имало во опожарените згради во време на избувнувањето на пожарот, бидејќи покрај станови на катовите на зградите, во приземјата се наоѓаат и продавници. Спасувачките тимови евакуираa околу сто жители на околните згради кои се сместени во блискиот хотел. Според НОС, околу 15.30 минути полицијата била алармирана дека се слушнала „гигантска експлозија“ по што избувнал пожар. Други медиуми јавуваат дека пред избувнувањето на пожарот се слушнале две експлозии, а според некои медиумски извештаи, се споменува и „серија од неколку експлозии“. По добиената пријава на местото на настанот се упатиле екипи на полицијата, на брзата помош, со неколку амбулантни возила и два хеликоптери, како и на противпожарната служба. Причините за експлозијата или експлозиите сè уште не се познати, но првичните сомнежи се дека станува збор за истекување на гас. - Се чини дека станува збор за несреќа, а не за намерно предизвикан инцидент, изјави портпаролот на противпожарната служба. Во тек е расчистување на улиците од урнатините и од останатиот крш од цигли, делови од мебел и стакло, со цел да се овозможи слободен пристап на возила до оштетените згради. На местото на настанот пристигнаа и 20-тина волонтери Црвениот крст, кои помагаат во расчистувањето и згрижувањето на станарите, Реонот околу опожарениот кварт е блокиран, а затворени се и историската улица „Спрингвег“ и популарниот плоштадот „Маријаплас“, кои се наоѓаат во непосредна близина, а властите апелираа до граѓаните да го избегнуваат местото на настанот. НОС информира дека по избувнувањето на пожарот степенот на подготвеност безбедносните служби е подигнат на ниво 2, што се дефинира како „инцидент со дефинитивен ефект врз околното подрачје“.