Во Младинскиот културен центар (МКЦ) денеска ќе се одржи комеморација во чест на легендарниот радиоводител Драган Б. Костиќ, кој почина по кратко боледување на 20 декември 2025 година. Комеморацијата ја организира семејството Костиќ и тимот на продукцијата „Диско селектор“. - Собирот е отворен за сите кои сакаат да оддадат почит и да се потсетат на животот, делото и оставнината на Драган Б. Костиќ, се наведува во поканата за комеморацијата. Драган Б. Костиќ е роден во 1950 година во Скопје. Кариерата ја почнал во тогашното Радио Скопје, прославувајќи се како со својот глас, така и со емисиите „Диско селектор“, која почна да се емитува во јуни 1974 година и „Заборави ако можеш“, која ја водеше од 1991 година. Костиќ беше еден од најпопуларните радио-водители, музички новинари, еден од легендарните скопски диџеи и голем колекционер на музика. Костиќ прослави 50 години од радио-емисијата „Диско селектор“ со настанот „Последниот танц“ во арената „Јане Сандански“. Во последните години беше познат и по своето телевизиско шоу „Б со точка“ и со онлајн емисијата „Кавервил“.