Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ќе отпатуваат за Рио де Жанеиро, каде ќе имаат средба со бразилскиот претседател Инасио Лула да Силва. Како што соопшти Европскиот совет, овој трилатерален состанок треба да придонесе за зајакнување на силниот сојуз меѓу ЕУ и Бразил и дополнително да ги зајакне билатералните односи. - Бразил е клучен партнер на Европската Унија во трговијата, инвестициите, климата, мултилатерализмот, поредокот базиран на правила, демократијата и човековите права. Последното бразилско претседателство со Меркосур беше клучно за унапредување на преговорите за договорот меѓу Европската Унија и Меркосур, трасирајќи го патот до неговото потпишување, соопшти Европскиот совет. ЕУ е втор по големина трговски партнер на Бразил и негов најголем странски инвеститор, со над 300 милијарди евра директни инвестиции. Според Европскиот совет, откако Лула да Силва ја презеде претседателската функција во 2023 година, односите меѓу ЕУ и Бразил добија нова динамика, со обновени и нови политички и секторски дијалози за климата, енергијата, дигиталната трансформација, безбедноста и јавното здравје. - ЕУ и Бразил, исто така, тесно соработуваат во ОН и Г20, во рамките на самитот ЕУ-ЦЕЛАЦ, и преку нови иницијативи како што се Глобалната алијанса против гладот и сиромаштијата и коалицијата Г20 за регионално производство на вакцини, се додава во најавата. Од Рио, Кошта и Фон дер Лајен ќе отпатуваат за парагвајскиот главен град Асунсион, каде утре треба да потпишат два договори меѓу ЕУ и Меркосур заедно со претседателот на Пaрагвај, Сантијаго Пења Паласиос, кој е актуелен претседавач на организацијата на јужноамериканските држави.