Во Белгија постојат строги законски правила за ограничување на пушењето со кои тоа е забрането во затворени простории, на одредени отворени јавни простори, на работните места, па дури и во некои приватни станбени згради, а постои и забрана за изложување на тутун и тутински производи во продавниците. Дополнително, од јануари 2027 година ќе биде забрането пушењето и на терасите, а од 2028 година ќе се воведе и целосна забрана за продажба на цигари и тутун во супермаркетите. Целта на овие забрани е остварување на идејата за создавање генерација без тутун до 2040 година како дел од напорите за справување со високиот број смртни случаи и болести што ги предизвикува пушењето. Засега пушењето останува дозволено на улиците, но и таму има одредени ограничувања во однос на оддалеченост од објектите во кои тоа е забрането. Пушењето во затворени јавни простории во Белгија првпат е ограничено во 2006 година, а на 22 декември 2009 година е донесен Законот за општите прописи во врска со забраната за пушење на јавни затворени места и заштитата на работниците од чад од тутун, со кој сè уште се регулирани основните важечки правила за забрана за пушењето. Со овој закон се забранува пушење во сите јавни установи, како административни згради, железнички станици, аеродроми, продавници и во повеќето угостителски објекти и на места на кои бесплатно се нудат храна и пијалаци. Дополнително, пушењето е забрането и во објекти за загрижување болни или стари лица и за обезбедување здравствена заштита, во градинки, основни и средни училишта, кина, театри, музеи, библиотеки, места каде што се одржуваат спортски активности, јавни тоалети, како и во сите возила што се користат за јавниот превоз, дури и кога тие не се во употреба. Кога станува збор за забраната на пушење во работните простории, таа се однесува на секое работно место, без разлика дали се наоѓа во или надвор од компанијата или објектот до кој работникот има пристап, со исклучок на отворени простори. Со измени на Законот од март 2024 година, од 15 април истата година на малолетници им е строго забрането да влегуваат во зоните за пушење во угостителските објекти, а од 1 јануари 2025 е воведена и забрана за пушење на одредени отворени јавни простори, како што се спортски игралишта, зоолошки градини, паркови или стадиони. На овие локации има одредени места каде пушењето сè уште е дозволено и тие се јасно обележани. Исто така, од почетокот на 2025 година, пушењето е забрането и во радиус од 10 метри околу училиштата, градинките, библиотеките, болниците, медицинските установи, центрите за нега… Означените области за пушење во радиус од над 10 метри може да постојат до 31 декември 2028 година. Со овие измени, укинати се и автоматите за продажба на цигари, а од 1 април 2025 година е забрането и јавно изложување на тутун и тутунските производи на продажните места, како и нивна продажба во барови и на културни манифестации, како фестивали или концерти. Покрај ова, продавачите мора да ги проверат документите за лична идентификација на секој помлад од 25 години, кој купува тутун или цигари. Одговорноста за спроведување на забраните за пушење во јавните установи и во угостителските објекти е на менаџерските тимови, кои мора да постават јасна сигнализација за забрана за пушењето или во спротивно ќе се соочат со казни. Казни се предвидени и за прекршителите на забраната. Покрај казните, Судот може да наложи и затворање на објектите каде што се извршени прекршоците за период од еден до шест месеци. Во случај на прекршување на забраните, прекршителите подлежат на казни во износ од 208 до 8.000 евра. Во случај на прекршување на одредбите од овој закон или декретите и прописите на Европската Унија издадени за негова имплементација, службено лице назначено за оваа цел од Кралот може да утврди износ, чија доброволна уплата од страна на прекршителот го прекинува неговото јавно гонење, а чиј износ не може да биде помал од половина од минималната, ниту да ја надмине максималната казна утврдена за прекршокот. Исклучоци Со оваа верзија на Законот е овозможено пушење во угостителски објекти во кои се служат само пијалаци во јасно обележана зона, оградена на начин што ја минимизира непријатноста од чадот за непушачите и која мора да биде помала од половина од вкупната површина на просториите каде што се служат пијалаци. Со посебен член во Законот е утврдено дека забраната за пушење во јавни затворени места не важи за „коцкарници и простории наменети исклучиво за коцкање, каде што може да се служат пијалаци“, но просторијата каде ќе биде дозволено пушењето треба да биде јасно одредена, да не е транзитна зона и да биде дизајнирана на начин што ќе ги минимизира непријатностите од чадот за непушачите. Законот предвидува и дека просториите за пушење мора да бидат опремени со систем за извлекување на чад или вентилација што ќе биде доволна да го елиминира чадот. „Непушачки згради“ Кога станува збор за заеднички простории во станбените згради, како ходници, скали, лифтови или простории за перење и сушење алишта, за нив важат правилата за забрана за пушење, како и во сите други јавни простории утврдени со Законот. Но, тој, а ниту еден друг закон во Белгија, не превидува автоматска забрана за пушење во приватните станови во зградите. Сепак, индивидуалните станбени згради можат да воспостават правила преку свој интерен акт за сопственост или внатрешни прописи, во кои можат да вклучуваат и забрана за пушење во сите простории на станбениот објект, вклучително и во приватните станови. Кога станува збор за пушењето на балконите во станбените згради и во овој случај нема законска забрана и тоа не е нелегално, освен ако не е наведено поинаку со специфичните правила на зградата. Доколку чадот од цигарите на соседот „значително го нарушува уживањето во домот“, согласно белгиското законодавство, поединец може да се повика на „абнормално нарушување на условите во соседството“ и да се обиде да го реши проблемот директно со „загадувачот“ или со помош на претставник на зградата. Ако „пријателското посредување“ не доведе до задоволително решение, можно е за целиот случај да се покрене постапка пред Суд, каде ќе треба да се докаже прекумерното зачадување и нарушување на условите за живот со изјави на сведоци или со директно мерење на квалитетот на воздухот. Зајакнување на забраната за пушење Со измените на Законот од март 2024 година, од 1 јануари 2026 година требаше да биде воведена и забрана за пушење на обични, но и на електронски цигари, на сите тераси на кафулиња и ресторани, како и во радиус од 10 метри од објектите. Но, на барање на Федерацијата на хотели, ресторани и кафулиња, лани во септември беше извршена нова измена на Законот, со која стапувањето во сила на оваа одредба беше пролонгирано за од 1 јануари 2027, со цел да им се даде дополнително време на рестораните и кафулињата да се прилагодат на новите мерки. Дополнително, со овие измени, од 1 јануари 2027 ќе бидат укинати и определените зони за пушење во баровите, на аеродромите и во други објекти каде што сега постојат, како и баровите за пушење наргиле, популарните „шиша бар“, и клубовите за пури. На ваквите наменски објекти им се дава избор да се затворат или да се трансформираат во „обични угостителски објекти“. Со овие измени се воведува и постепена забрана на продажба на тутун и цигари во супермаркети, која ќе стапи целосно во сила од 2028 година. Висината на казните за овие прекршоци сè уште не е определена, но се очекува тие да се движат во рамки на утврдените со измените од 2024 година – од 208 до 8.000 евра. Угостителскиот сектор стравува од нов бран банкроти Белгиската угостителска индустрија изразува стравување дека новите забрани за пушење ќе доведат до уште еден бран банкроти во секторот. Тие тврдат дека од воведувањето на забраната за пушење во баровите и кафулињата, тие направиле сè што е во нивна можност за да се усогласат со новите правила и преземеле значителни инвестиции за да ги преадаптираат своите објекти. Според асоцијациите на угостителската индустрија, новите правила нема да ги спречат луѓето да пушат, туку тие едноставно ќе излегуваат од терасите и просториите за пушење на улицата во близина на кафулето, барот или ресторанот и таму ќе пушат. Ова, според нив, неизбежно ќе резултира со проблеми со зголемување на вревата на улиците на што ќе се жалат оние што живеат во близина на угостителските објекти. Во однос на барањето пушачите да мора да се оддалечуваат најмалку 10 метри од угостителскиот објект ако сакаат да пушат, угостителите велат дека е невозможно нивниот персонал да проверува и да гарантира дека пушачите го почитуваат ова правило. Во однос на ова, посебно се посочува проблемот со улиците каде има повеќе угостителски објекти во низа. Коментирајќи ги ваквите мерки, генерален директор на Европската асоцијација на производители на пури, Пол Варакас, оцени дека Белгија се доведува во парадоксална ситуација лицата затворени за сторени кривични дела да имаат повеќе права за пушење, отколку возрасните кои едноставно сакаат да запалат цигара. Заштитата на младите во центарот на вниманието При последните измени на Законот, белгискиот министер за здравство Франк Ванденбрук изјави дека целта на овие мерки е да се заштити јавното здравје и да се намали несаканото изложување на чад, во услови кога тутунот останува една од водечките причини за предвремена смртност во Белгија со речиси два смртни случаи на секој час. Приближно осум отсто од смртни случаи во Белгија годишно се припишуваат на пушењето. - Наша цел е заштита на здравјето на луѓето и создавањето здрава средина за сите. Со овие мерки, ги спречуваме децата и возрасните неволно да бидат изложени на штетен чад од цигари и осигуруваме дека луѓето нема да бидат доведени во искушение да запалат. Гледањето други како пушат ги охрабрува луѓето на пушење, истакна Ванденбрук. Според него, искуствата од странство покажуваат дека поблагите мерки воопшто не функционираат и не ги даваат саканите резултати. - Мерките што, на пример, дозволуваат пушење на дел од тераса имаат мал ефект, бидејќи гледањето како некој пуши го поттикнува пушењето. Затоа, едноставно пушењето мора да го држиме подалеку од очите на луѓето, изјави Ванденбрук во интервју за белгискиот весник „Стандард“. Според анкетата на белгискиот Национален здравствено истражувачки институт „Сајнсано“, во 2025 година 17,6 отсто од Белгијците биле пушачи, при што секојдневно пушеле 12,8 проценти од нив. Од друга страна, 58,1 од анкетираните изјавиле дека никогаш не пушеле, што претставува досега рекордно највисока стапка на непушачи. За споредба, во 2018 година 19,4 отсто од Белгијците биле пушачи, а 15,4 проценти пушеле секојдневно. Но, за разлика од намалувањето на пушењето на класични цигари, во пораст е консумирањето електронски цигари или „вејпирањето“, особено кај младите. Така, според анкетата на „Сајнсано“, 6,3 проценти од младите Белгијци на возраст од 15 до 24 години изјавиле дека „вејпираат“ секојдневно, а 11,1 отсто повремено. Покрај ова, дури 60 отсто од пушачите комбинираат електронски со традиционални цигари. Поради ова, а и поради т.н. „влезен ефект“, односно дека „вејпирањето“ може да биде вовед кон традиционалното пушење, последните мерки на белгиските власти се насочени и кон забрана на класичните и на електронските цигари. Фото: МИА/Фејсбук/Редит