Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен не се очекува да присуствува на дебатата во Европскиот парламент по иницијативата за изгласување недоверба на извршното тело на ЕУ покрената од десничарската група Патриоти за Европа, што треба да се одржи в понеделник во Стразбур. Според извори во Европската комисија, покрај Фон дер Лајен на дебатата нема да присуствуваат ниту останатите членови на Колеџот на комесари, со исклучок најверојатно на еврокомесарот за трговија Марош Шефчович, имајќи предвид дека дебатата за недоверба се покренува поради склучувањето на трговскиот договор меѓу ЕУ и Меркосур, што треба да биде потпишан утре во Парагвај. Ова е четврта инцијатива за гласање недоверба на Европската комисија во изминатава половина година, но прва на кој се најавува неприсуство на еврокомесарите. За разлика од ова на претходните три парламентарни дебати Европската комисија беше присутна во полн состав на чело со Фон дер Лајен. Новата иницијатива за недоверба на ЕК ја најави лидерот на ПФЕ, Жордан Бардела минатиот четврток во пресрет на седницата на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите на ЕУ (Корепер), на кое и покрај противењето на Франција и уште неколку други членки, беше донесена одлука за потпишување на Договорот. За покренување на иницијатива за недоверба на Европската комисија потребна е поддршка од најмалку една десетина европратеници или во случајов 72. Уште пред доставувањето на оваа четврта иницијатива беше иницирана расправа за промена на минималниот праг за покренување ваков предлог, но раководството на Европскиот парламент засега не презеде ништо, стравувајќи дека таквата одлука би можела да биде искористена за обвинувања за цензура и за ограничување на правата на европратениците. Инаку, според дневниот ред на јануарската сесија на Европарламентот, дебатата по иницијативата за недоверба на ЕК треба да се одржи в понеделник вечер, а гласањето по неа е предвидено за в четврток.