Во организација на Секторот за локален економски развој и Секторот за образование при Општина Кисела Вода, денес се одржа обука за наставници од основните училишта на територија на општината, наменета за зајакнување на капацитетите за подготовка за европски проекти. Обуката е дел од континуираните активности на општината, насочени кон унапредување на квалитетот на образованието и создавање современи услови за работа во училиштата. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, истакна дека вложувањето во обуки за подготовка за европски проекти претставува значајна инвестиција во иднината на образованието. - Со јакнење на знаењата и компетенциите на наставниците, создаваме основа за поквалитетна, иновативна и современа настава. Овие обуки им овозможуваат на училиштата да се развиваат, да разменуваат искуства и да бидат дел од пошироките европски образовни процеси, што на долг рок носи придобивки и за наставниците и за учениците-нагласи градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.