Легендарната британска актерка Хелен Мирен им порачува на младите да не брзаат со естетските процедури, истакнувајќи дека лицето природно се менува со возраста и дека опсесијата со совршенството е опасна заблуда. Со 80 години живот и повеќедецениска кариера во Холивуд, Хелен Мирен вели дека денес јасно гледа колку се промениле општествените стандарди за убавина - и колку често се погрешни. Во интервју за списанието Ел, познатата актерка зборуваше за притисоците со кои се соочила на почетокот на својата кариера и за нејзиниот став кон пластичната хирургија. „Беше сосема поинакво време. Ми е мило што доживеав општествени промени, поголема разновидност и прифаќање на различни видови сексуалност, изглед и раса“, рече Мирен. Таа се потсети и на моментот кога, пред повеќе од половина век, еден филмски режисер ѝ рекол дека никогаш нема да има кариера ако не направи операција на носот. „Не бев под притисок, но ми беше кажано дека без операција на носот немам иднина. Реков - НЕ. Дури и не сакав да бидам убава актерка. Решив да не бидам многу убава“, рече Мирен. Иако нагласува дека нема ништо против естетските процедури, Мирен истакнува дека изборот е секогаш личен. „Не сум против пластичната хирургија и сакам тоа да биде јасно. Ако тоа го прави некого да се чувствува подобро, зошто да не? Животот е премногу краток за да се биде незадоволен од својот изглед“, верува ѕвездата. Сепак, има јасна порака за помладата генерација. „Мислам дека е ужасна грешка да се прави пластична хирургија во дваесеттите години. Лицето се менува. Не сакам да ги критикувам луѓето за она што ги прави среќни, но обидот да изгледате како лажна верзија од себе е погрешен“, рече актерката. Наместо да одите под нож, Мирен нуди поедноставни совети за подобра самодоверба. „Пред да размислите за каква било процедура, набавете добро осветлување во бањата. Кога ќе се погледнете во огледало и ќе се видите себеси во убаво светло, помислете: „Изгледам фантастично“ - и продолжете понатаму. Тоа е многу поевтино од лифтинг на лицето“, рече таа со насмевка.