Идејата за изработката на Европска безбедносна стратегија не е ЕУ да се натпреварува со НАТО или со САД, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за безбедност Тома Рение. - Тоа е за Европа, за намалување на нашата сопствена зависност и за тоа како да бидеме подготвени да имаме силна европска стратегија во сегашниот геополитички контекст, нагласи Рение во одговор на новинарско прашање која е целата на Европската безбедносна стратегија, чија изработка ја најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Рение додаде дека тој документ ќе претставува надоврзување на сето она што Европа го постигна во делот на одбраната во последната година, потсетувајќи дека, меѓу останатото, беше подготвена Белата книга за одбраната, Пакетот за одбранбена подготвеност преку кој се обезбедени 800 милијарди евра за земјите членки, инструментот Безбедносна акција за Европа (САФЕ), Патоказот за одбраната и Пакетот за воена мобилност. - Но, одбраната не е сè. Размислуваме и за други стратешки сектори, на пример, чиповите, суровините, кибербезбедноста… Треба да го формализираме сето ова во европска безбедносна стратегија, за да ја намалиме нашата зависност, за да бидеме поавтономни и да бидеме подготвени во овој променлив геополитички контекст. Тоа е рамката, идејата на Европската безбедносна стратегија, рече портпаролот на ЕК. Рение најави дека се очекува оваа нова безбедносна стратегија да биде подготвена во наредните шест месеци.