Кога е најдобро да пешачите за намалување на крвниот притисок?

Кога е најдобро да пешачите за намалување на крвниот притисок? Александра Спасеска 17.01.2026 / 10:45 Здравје Пешачењето е едноставен и ефикасен начин за намалување на крвниот притисок. Додека некои истражувања сугерираат дека пешачењето доцна попладне или навечер може да има малку поголеми придобивки, експертите нагласуваат дека редовноста е поважна од времето од денот. Високиот крвен притисок е една од водечките причини за срцеви и мозочни удари, но редовната физичка активност како пешачењето може значително да помогне во неговата контрола, пишува Health.com. Дали постои најдобро време за пешачење? Крвниот притисок природно се зголемува наутро и постепено се намалува навечер, објаснува кардиологот д-р Тифани С. Ди Пјетро. Само една прошетка може да го намали крвниот притисок неколку часа по активноста. Затоа времето од денот кога одите може да влијае кога ќе се појави овој ефект. Некои истражувања сугерираат дека пешачењето доцна попладне или навечер може да има малку поизразен ефект. Студија од 2019 година откри дека аеробната активност навечер доведува до поголемо намалување на систолниот крвен притисок по вежбање отколку утринската вежба. Сепак, д-р Ди Пјетро истакнува дека резултатите од истражувањето не се јасни и дека постојат индивидуални разлики, но обично се мали. Д-р Џејсон В. Цо, кардиолог на Универзитетот Стенфорд, предупредува дека интензивното вежбање непосредно пред спиење може да го наруши квалитетот на сонот. „Ако откриете дека ви е потешко да заспиете по брза прошетка, слободно вежбајте во друго време од денот“, вели тој. Експертите се согласуваат дека најдобро време за прошетка е она што можете редовно да го вклопите во вашиот распоред. Влијанието на вежбањето врз крвниот притисок Покрај времето од денот, голем број други фактори влијаат на тоа колку одењето ќе го намали крвниот притисок. Најважно е доследноста. „Редовното пешачење во текот на недели и месеци го намалува просечниот крвен притисок“, вели д-р Ди Пјетро. Придобивките обично се поизразени кај луѓето кои првично имаат повисок крвен притисок. Сепак, позитивните промени можат да бидат намалени од нездрави навики како што се лошиот сон и хроничниот стрес, кои самите по себе го зголемуваат крвниот притисок. Исхраната исто така игра голема улога, особено прекумерната сол, алкохолот и храната со лоша хранлива вредност. Темпото на одење е исто така важно. Најдобрите ефекти се постигнуваат со брзо одење, што го зголемува срцевиот ритам. Д-р Ди Пјетро има едноставен совет: треба да можете да зборувате додека одите, но не и да пеете. Американската асоцијација за срце препорачува најмалку 150 минути физичка активност со умерен интензитет неделно, што вклучува брзо одење. Како пешачењето помага во намалувањето на крвниот притисок? Високиот крвен притисок се јавува кога силата со која крвта притиска врз ѕидовите на артериите останува покачена долго време, што става дополнителен товар на срцето. Аеробните вежби ги стимулираат крвните садови да произведуваат повеќе азотен оксид, супстанца што им помага да се шират и да го намалат притисокот, објаснува д-р Цо. Исто така, пешачењето помага во намалувањето на нивото на кортизол, хормон на стрес, што ги одржува крвните садови поеластични и поотпорни. крвен притисок пешачење кардиоваскуларни болести Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On