Повеќе од 180 верници од многу градови на нашата држава, до попладнево се пријавени за фаќање на светиот крст што утре ќе биде положен во водите на река Радика, општина Маврово и Ростуше, со благослов на епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир. Како што изјави архимандрит Доситеј, на чиј телефонски број 070 342 970 се јавуваат заинтересираните верници, се очекува до крајот на денот тој број да биде и поголем, имајќи в предвид дека во просек секоја година има по над 200, а минатата дури 300 верници. Утре, на денот на празникот, во 8 часот, по традиција ќе биде одржана Божествена Златоустова литургија во храмот „Пресвета Богородица“ во село Ростуше, со која ќе чиноначалствува владиката Партениј, од каде во 9:30 часот ќе тргне торжествената Литија до „Ростушки мост“, каде ќе биде полагањето на крстот во реката Радика. Во Бигорскиот манастир вечерта во 19 часот ќе почне вечерна богослужба во чест на Свети Јован, додека во вторник кога се слави соборот на Свети Јован Крстител, во 6:30 Утрена и Божествена Литургија. Отец Доситеј потврди дека традиционално заедно со верниците ќе бидат и претставници на локалната власт на општина Маврово и Ростуше, кои го даруваат оној кој прв ќе стигне до крстот. Дополнително, медицинскиот тим на брзата помош од Здравствениот дом „Русе Бошковски“ од Ростуше, ќе биде на терен за целосна поддршка и брза реакција во случај на потреба. Празникот Водици ќе биде одбележан и во Дебар, со положување на светиот крст во базенот во дворот на црквата „Света Петка“, каде се наоѓа и седиштето на Дебарската парохија. -До денеска имаме четири пријавени деца, но имајќи ги в предвид претходните искуства очекуваме утре да имаме и други пријавени, рече Миле Ангеловски, намесник на парохијата. Според него, утре во 7:30 часот ќе почне Света Златоустова литургија, по што ќе биде положен светиот крст.