Со традиционална свеченост и во духот на православната традиција, денеска во Македонска Каменица беше одбележан големиот христијански празник Богојавление – Водици. Во присуство на голем број верници се одржа осветување на водите на Каменичка Река и спуштање на чесниот крст. Светиот чин го изврши надлежниот архиереј, епископот Делчевско-каменички г. Марко. Најсреќен меѓу учесниците во традиционалното фрлање по крстот беше Иван Јанковски, кој успеа да го извади чесниот крст од водите на реката. По повод овој чин, градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, лично му го честиташе успехот и во име на општината му подари златник како симбол на почит и признание. -Овој свет чин уште еднаш го покажа нашето заедништво, вера и почит кон традициите што со векови се пренесуваат од генерација на генерација, истакна Стаменкова. Одбележувањето на Водици во Македонска Каменица и годинава помина во достоинствена атмосфера, со пораки за здравје, благосостојба и духовно единство меѓу граѓаните. Богојавление – Водици е празник кој го симболизира крштавањето на Исус Христос во реката Јордан и се одбележува со осветување на водите и традиционално фаќање на чесниот крст.