Американскиот претседател Доналд Трамп упати официјални покани до премиерите на Хрватска и на Словенија Андреј Пленковиќ и Роберт Голоб за учество во новоформираниот Совет за мир за Газа, објави хрватскиот весник „Јутарњи лист“. Оваа иницијатива на Белата куќа веќе вклучува низа светски и регионални лидери, меѓу кои се рускиот претседател Владимир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон, албанскиот премиер Еди Рама и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Според неофицијални информации на словенечката национална телевизија РТВ Сло, премиерот Голоб засега не е склон да ја прифати поканата. „Владата на Словенија веројатно ќе расправа за ова прашање в четврток, а во моментов консултациите се водат на ниво на европски лидери“, пренесува словенечкиот јавен сервис. Од друга страна, се уште нема официјална потврда дали хрватскиот премиер Пленковиќ има намера да се приклучи на ова тело. Според анализите на Асошиејтед прес (АП), формулацијата во поканите сугерира дека овој орган ќе „преземе храбар нов пристап за решавање на глобалните конфликти“, што индиректно го позиционира како конкурент на Советот за безбедност на Обединетите нации. „Овој потег може да го промени начинот на кој се води меѓународната дипломатија, особено ако клучните светски сили се одлучат да дејствуваат надвор од рамките на ОН“, се наведува во дипломатските коментари. Официјалната листа на членови на Советот за мир се очекува да биде објавена од страна на САД во текот на наредните денови, најверојатно за време на одржувањето на Светскиот економски форум во Давос. (МИА)