Заврши интервјуирањето на кандидатите за членови на Комисијата за заштита од дискриминација

Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ги сослуша сите кандидати за членови на Комисијата за заштита од дискриминација. Интервјуирани беа 14 кандидати кои ги исполниле условите. Најголем дел од нив се со завршен правен факултет и искуство во сферата на правосудството и човековите права, а има и такви кои имаат работно искуство во Комисијата за антидискриминација. Дел од нив сметаат дека Комисијата треба да биде повидлива и за неа да знаат поголем број граѓани, па затоа, како што посочија, ќе се залагаат за нејзина поголема медиумска застапеност и видливост. Меѓу кандидатите кои се залагаат за вакво нешто се Усеин Елезовски и Наташа Амдију. Елезовски рече дека е незадоволен од досегашната работа на Комисијата и дека таа треба да стане повидлива за граѓаните. За таа цел, негова препорака е медиумска промоција на Комисијата и соработка со регионалните центри во контекст на олеснување на комуникацијата со помалку образованите граѓани. Дел од кандидатите сметаат дека треба да се зајакне и превентивната улога на Комисијата. На вакво мислење се Наташа Амдију и Ирфан Лимани. Кандидатите во своите излагања нагласија дека ќе работат непристрасно и правично и дека ќе се залагаат за јакнење на довербата на граѓаните во оваа Комисија. Генерално, сите во своите излагања беа на ставот дека со личното искуство што го имаат, ќе работат на намалување на дискриминацијата и дека Комисијата има важна улога на ова поле. Некои од кандидатите како Даниела Стојановска Џинговска конкурираат по втор пат и се надеваат дека ќе бидат избрани. Таа најави дека ќе се залага за правата на маргинализираните групи, за жените, лицата со попреченост и за припадниците на помалите етнички заедници и дека ќе се труди да има што помалку претставки од овие категории на граѓани. Меѓу кандидатите има и такви кои бараат втор мандат како Лимко Бејзароски, кој рече дека решил да се кандидира поради неговите резултати постигнати во првиот петгодишен мандат. И Кире Василев, кој веќе бил член и претседател на Комисијата, нагласи дека доколку биде избран, ќе се залага за поактивна улога на КСЗД, а меѓу кандидатите кои имаат работно искуство во Комисијата е и Горан Нешевски. Елита Шуки, која има долгогодишно искуство во Државната комисија за јавни набавки, рече дека нејзиното професионално искуство е поврзано со дискриминацијата и дека со дискриминација во јавните набавки се соочувала во сите делови од постапката. Кандидатите за членови на оваа Комисија одговараа на прашања од пратеници и од претставници на невладините организации. Интервјуирани беа и Мери Ивановска, Жаклина Дамческа, Шемси Салаи, Миле Стојановски, Немиме Јашари Љума и Џихан Ахмед. Комисијата е составена од седум члена, кои ги избира и ги разрешува Собранието. Членовите на Комисијата се избираат со мандат од пет години, со право на уште еден последователен избор. При изборот треба да се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово балансирано учество. За член на Комисијата може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Македонија, да има VII/1 степен на образование и минимум седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет во областа на еднаквост и недискриминација и да не е носител на функција во политичка партија.