ИДФ тврди дека е уништен команден центар на Хамас користен за напади на Израел

Израелските одбранбени сили (ИДФ) тврдат дека командниот центар на палестинската милитантна група Хамас, кој беше цел на денешниот воздушен напад во палестинскиот бегалски камп Аин ал-Хилве во близина на крајбрежниот град Сидон во Либан, бил користен за напади врз Израел. Либанските медиуми јавија дека во нападот е убиено најмалку едно лице. „Командниот центар што беше погоден, во последните месеци го користеа терористички оперативци на Хамас за подготовки за терористички активности против трупите на ИДФ на либанска територија. Тој вклучувал и обука наменета за унапредување на разни планови за терористички напади против трупите на ИДФ и државата Израел“, се наведува во соопштението што го пренесе Тајмс оф Израел. Во соопштението се истакнува дека командниот центар бил сместен во центарот на населено место и се тврди дека Хамас ги користел локалните жители како жив штит. Израелската војска наведува дека активностите на Хамас во командниот центар претставувале кршење на примирјето од ноември 2024 година меѓу Израел и Либан.