Би-Би-Си: Новите царини носат неизвесност за сојузниците на САД

Британскиот јавен сервис Би-Би-Си во својата анализа оценува дека не е изненадување што американскиот претседател Доналд Трамп избрал поинаков правен механизам за воведување нова глобална царина од 15 отсто. Според анализата, царините претставуваат централен дел од економската стратегија на Трамп, па одлуката на Врховниот суд на САД – со која беше утврдено дека ги пречекорил овластувањата повикувајќи се на вонредни економски мерки – значително ја ограничила неговата моќ. Трамп најави дека неговата администрација во наредните месеци ќе продолжи да определува и воведува нови, законски дозволени царини, тврдејќи дека тие ќе донесат уште поголеми приходи од претходниот систем. Сепак, според Би-Би-Си, извесно е дека ќе продолжи периодот на неизвесност за компаниите и за американските сојузници. Неколку земји, меѓу кои Обединетото Кралство, Мексико и Германија, внимателно ја поздравиле судската пресуда, но истакнале дека ќе ги следат следните чекори на американскиот претседател пред да преземат конкретни мерки. Во анализата се отвора и прашањето дали компаниите што веќе ги платиле царините кои сега се прогласени за незаконски ќе имаат право на поврат на средствата. Дополнително, се потсетува дека новата глобална тарифа може да остане во сила најмногу 150 дена без одобрување од американскиот Конгрес, што остава простор за нови политички и правни судири во Вашингтон.