Селје објави фотка откако лизгалка ѝ го исече лицето: Посилна сум отколку што мислев

Селје објави фотка откако лизгалка ѝ го исече лицето: Посилна сум отколку што мислев ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ 2026 МИЛАНО-КОРТИНА Филип Здравески 22.02.2026 / 11:04 Останати спортови Шокантни сцени го одбележаа натпреварувањето во брзо лизгање на Зимските олимписки игри, кога полската репрезентативка Камила Селје (25) беше силно удрена во лицето со лизгалка. По драматичните моменти на мразот, Селје сега проговори од болницата и рече дека, и покрај сè, е добро. За време на трката од 1.500 метри, неколку натпреварувачки паднаа, а Селје остана да лежи на оградата додека крвта се собираше на мразот. Медицинските екипи веднаш реагираа, трката беше прекината, а Полјачката беше згрижена зад голем бел параван пред да биде префрлена во болница. Според британските медиуми, таа веднаш беше оперирана. Несреќата се случи во шестото четвртфинале. Во дуелот со Италијанката Ариана Фонтана, Селје ја изгуби рамнотежата и падна, а во тој момент Американката Кристен Сантос-Грисволд со лизгалка ја удри во лицето. Крварењето беше обилно, а сцената ги шокираше и публиката и натпреварувачките. Кога беше изнесена од мразот, Селје покажа палец нагоре кон публиката, која ја поздрави со громогласен аплауз. Сантос-Грисволд подоцна беше казнета за неовластено менување на лентата во претходната ситуација. Според полските медиуми, Селје прво била зашиена во салата, а потоа однесена во болница, каде што компјутерската томографија покажала мала фрактура. Лекарите одлучиле повторно да ја отворат раната за да ја поправат оштетената коска и да ја исчистат повредата. Од болничкиот кревет Селје објави фотографија на социјалните мрежи на која се гледа само неповредената страна од нејзиното лице, со пораката: „Знам дека еден ден ќе ја погледнам оваа фотографија и ќе се сетам дека сум посилна отколку што некогаш мислев. Ви благодарам за сите зборови на поддршка, само сакав да знаете дека сум сосема добро.“ View this post on Instagram A post shared by k a m i l a (@kamila_sellier) Шефот на полската олимписка мисија, Конрад Ниџвјецки, за Eurosport изјави дека операцијата била успешна. „Камила беше подложена на операција за поправка на оштетената коска. Таа се разбуди утрово со силен оток и не спиеше многу, но окото ги помина првите тестови, што беше најважно за нас“, рече Ниџвјецки. Иако сцената на мразот беше застрашувачка, првите информации од болницата носат олеснување. Полската лизгачка покажа неверојатна сила и оптимизам во еден од најтешките моменти од нејзината кариера. ЗОИ 2026 Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On