ФФМ: Најостро ги демантираме објавените лаги и манипулации на новинарот Фуркан Салиу Филип Здравески 22.02.2026 / 12:50 Фудбал Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро ги демантираше изнесените наводи во јавноста од страна на новинарот Фуркан Салиу поврзани со натпреварите Вардар - Башкими и Шкендија 77 - Преспа. „Ниту ФФМ, уште помалку претседателот Масар Омерагиќ, побарале, ниту дале било каква наредба за отстранување на албански знамиња на натпреварот Шкендија 77 - Преспа. Таквите тврдења се целосно неточни и претставуваат груба манипулација со јавноста, со јасна намера да се создаде непостоечка политичка позадина таму каде што ја нема“, објави ФФМ во соопштение до јавноста. Оттаму се изјаснија и за обвинувањата за наводна употреба на сила од страна на полицијата на натпреварот Вардар - Башкими, обвинувања кои категорично ги отфрлаат. „Напротив, припадниците на Министерство за внатрешни работи на Македонија (МВР) најпрофесионално и исклучително коректно ја извршуваа својата работа, дури и во моменти кога беа вербално и физички нападнати од лица од раководните структури на клубот од Куманово. Обидите тоа да се претстави како 'употреба на сила' се тенденциозни и злонамерни. Не е јасно од кои причини Фуркан Салиу со невистини и манипулативни конструкции се обидува да наметне наратив кој единствено создава омраза и поделби. Свесното извртување на факти и пласирањето на ноторни лаги не е новинарство, туку опасна игра со јавноста. Новинарството не подразбира сензационализам по секоја цена, ниту собирање политички поени преку фудбалот. Тоа значи одговорност, проверка на факти и професионален пристап, нешто што во овој случај очигледно изостанува“. Од ФФМ соопштија и дека „доколку има било какви нејаснотии, вратите на ФФМ се отворени за увид во фактите и официјалната видео документација“. Воедно, од Федерацијата се заканија и со тужба доколку продолжи да се обвинува со лаги и невистини. „Лично го покануваме Фуркан Салиу да дојде во ФФМ и за овој случај, како што тоа го прави кога треба јавно да наметне став или теза во корист на Шкендија од Арачиново и директно да се запознае со сите релевантни факти. ФФМ нема намера да води јавни преписки и медиумски препукувања, ниту сака да биде доведена во позиција судски да ја докажува вистината. Сепак, доколку продолжат невистините и клеветничките наводи, ќе бидеме приморани да ги преземеме сите расположливи правни механизми за заштита на угледот и интегритетот на Федерацијата. Сметаме дека е недостоинствено некој што се декларира како новинар да пласира непроверени и неточни информации со ваква тежина и последици“, стои во соопштението на ФФМ. ФФМ Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро Off