Интегрален текст од говорот на претседателот на владата Христијан Мицкоски на Конститутивна седница на Советот за иновации: „Денес е значаен момент за нашата држава. Со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, ја потврдуваме нашата јасна и силна определба Македонија да се позиционира како земја на знаење, наука, истражување, иновации и модерна, конкурентна економија. Како Влада преземаме целосна одговорност да ја водиме оваа трансформација. Овој Совет не е само формалност, тој е инструмент на стратешка промена. Тој е механизам преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат двигатели на економскиот раст. Денес светот се менува со огромна брзина. Дигитализацијата, новите технологии и истражувањата го дефинираат напредокот на нациите. Нашата цел е јасна – да создадеме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните. Самата структура и состав на Советот, кој ги обединува клучните министерства и ресори, академската заедница и експертите од различни области, гарантира интегриран и стратешки пристап во носењето одлуки. Ова тело ќе обезбеди координација помеѓу образованието, науката, дигиталната трансформација и економските политики. Нашата цел е мерките да бидат конзистентни, транспарентни и ефективни, со јасни индикатори и мерливи резултати. На оваа прва седница го усвојуваме клучниот документ за следните четири години – Четиригодишната програма за поттикнување на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемништвото. Оваа програма не е само административен акт. Таа е визија за развој заснован на наука, истражување и дигитализација. Таа создава рамка за поддршка – од првата идеја, преку истражувачки развој и пилотирање, до целосна комерцијализација. Со оваа политика создаваме основа за отворање нови, квалитетни и добро платени работни места. Поддржувајќи ги стартапите, технолошките компании, истражувачките центри и иновативните мали и средни претпријатија, директно инвестираме во подобра економија – економија што создава вредност, извезува знаење и гради долгорочна стабилност. Во координација со Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за економија и труд како креатори на политиките, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА е главен имплементатор на програмата. Но успехот нема да биде резултат на една институција – туку на заедничка работа. Владата, ИНОВА, универзитетите, истражувачките институти, приватниот сектор и претприемачите мора да дејствуваат како единствен екосистем. Овој Совет испраќа јасна порака: Македонија избира економија базирана на знаење. Избираме инвестиции во наука и истражување. Избираме дигитална трансформација. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани. Време е идеите да ги претвориме во конкретни проекти, истражувањата во решенија, а визијата во реални резултати. Ви благодарам на посветеноста. Како претседател на Владата, силно верувам дека заедно ќе изградиме посилна, поиновативна и поразвиена држава, држава што создава можности за сегашните и идните генерации.“ https://www.youtube.com/watch?v=kMK1ngkm5Ec