Директорот на Центарот за развој на источно-планскиот регион (ИПР) Трајче Здравков денеска беше во работна посета на Општина Пехчево каде оствари средба со градоначалникот Александар Китански. На средбата, како што информираа од Општината, се разговарало за тековните и идни проекти за регионален развој. -Посебен акцент на средбата беше ставен на унапредување на инфраструктурата, поддршка на локалната економија и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Исто така, се дискутираше и за повиците од Владата на Република Македонија за рамномерен регионален развој, информираа од Општината. Целта на посетата, како што додаде пехчевскиот градоначалник, е и зајакнување на соработката и координацијата во реализацијата на развојните програми во регионот. -Ваквите средби се клучни за обезбедување на ефективни проекти кои директно ќе ги подобрат условите за живот на граѓаните- подвлече Китански. Здравков потенцираше дека Центарот за развој на ИПР ќе продолжи да ја поддржува Општина Пехчево во подготовка и имплементација на развојните програми, со цел обезбедување рамномерен и одржлив регионален развој. (МИА)