ОН потврдија дека во пакистанските воздушни напади во Авганистан се убиени цивили

Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (UNAMA) денеска соопшти дека добила веродостојни извештаи за цивилни жртви, вклучувајќи жени и деца, во неодамнешните пакистански воздушни напади во Авганистан, јави ДПА. Во ноќните напади биле погодени четири локации во провинциите Нангархар и Пактика, соопшти UNAMA. Мисијата на ОН потврдува дека во Нангархар прелиминарните бројки покажуваат дека најмалку 13 цивили се убиени, а седум се повредени. Локалните власти првично објавија за поголема бројка на жртви, над 18, меѓутоа портпарол на полицијата во Нангархар изјави дека пет тела сè уште се водат за исчезнати под урнатините. Авганистанското Министерство за образование соопшти дека меѓу убиените има осум ученици. Во провинцијата Пактика во еден напад е погодено училиште и делумно е оштетена џамија, а во друг напад делумно е уништена празна станбена куќа, додаде UNAMA. Во двата последни инцидента не се пријавени цивилни жртви. UNAMA ги повика сите страни да ги прекинат непријателствата и да спречат понатамошни штети врз цивилите. Официјален Кабул вчера го повика пакистанскиот амбасадор и предупреди за последиците. Талибанското Министерство за одбрана вети „соодветен и одмерен одговор“, а нападите беа широко осудени од авганистанските политичари. Тензиите меѓу двата соседа ескалираа по пакистанските воздушни напади врз Кабул во октомври и последователните прекугранични судири. Копнените сили разменија артилериски оган пред да се постигне прекин на огнот со посредство на Катар. Разговорите посредувани од Катар и Турција не успеаја да го ублажат застојот. Двете земји се обвинуваат меѓусебно за засолнување милитантни групи по должината на спорната граница. Во извештајот на Обединетите нации се вели дека најмалку 70 авганистански цивили биле убиени, а 478 повредени во последните три месеци од 2025 година во напади што им се припишуваат на пакистанските сили. (МИА)